Поврзете се со нас

Македонија

Савевски: Алкалоид е тим што ќе расте!

Објавено

на

Љубомир Савевски имаше причина да биде задоволен по триумфот на Алкалоид (29:35) во мечот со директниот конкурент Голден Арт во борба за првото место на табелата од групата „Б“ во ракометната Прва лига.

Неговите ракометари успеаја да направат одлична серија од 7-1 во втората половина од првиот дел, со што му дадоа поинаков тек на мечот, а во еден момент таа предност изнесуваше и 11 разлика.

– Влеговме во натпреварот полни со желба за победа, но правевме грешки и утнавме зицери. Би рекол дека одбраната го реши мечот, ние имавме добар голман, Галевски беше располежен и не држеше во игра. Голден арт е добра екипа, но со послаба клупа од нашата. Сметам дека се уште не е покажан целиот квалитет, се играше во грч.  Сега ни е полесно, сега ни е празник. Заокружен е циклус од 7 месечна работа. Ќе беше убаво да направевме некое видео на почетокот и споредба со сега: ова се млади ракометари, ова е проект за нивен развој. Алкалоид е тим што ќе расте! Мислам дека нашата група „Б“ беше за нијанса потешка, но и во другата група има добри тимови како Неготино и Драчево, со кои што вкрстиме во завршницата на Првата лига. Ме радува дека беше полна салата, убаво е да се игра пред публика. Следат натпревари од Купот каде што играме со Еурофарм Пелистер, за нас ќе биде чест да играме и да се спротивставиме на таков квалитетен противник,- изјави Савевски за „Дерби“.

Меѓу ракометарите на Алкалоид најефикасен беше репрезентативецот Мартин Серафимов со седум гола, додека тројца негови колеги имаа по шест погодоци.

– Интересен и пред се коректен натпревар. Нашата квалитетна работа го даде посакуваниот резултат.Ги исполнивме задачите што ни беа дадени од стручниот штаб и покажавме дека не случајно сме лидери во нашата група. Покрај квалитетот, покажавме и дека желбата и борбеноста ни беа на високо ниво. Сега треба да продолжиме со исто темпо во остварување на зацртаните цели, како што е влезот во Супер лигата,- рече Серафимов за „Дерби“.

Првата лига ќе биде комплетирана со одигрување на последното коло од регуларниот дел, по што следува завршницата со вкрстувањето на најдобрите. Согласно најавите, во Супер лигата се очекува да влезат четири екипи за да се направи проширување, а дополнително се ослободува уште едно место поради суспензијата на Металург.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни