Поврзете се со нас

Македонија

Симиќ: Успеавме да го вратиме Шкупи во Прва лига, мора да се промовираат домашни играчи!

Објавено

на

Шкупи по пауза од неколку години повторно ќе биде дел од домашната кошаркарска елита, а за тоа голема заслуга има тренерот Тони Симиќ.

Симиќ го презема клубот во третото коло и успеа низ сезоната да направи хемија, изгради состав кој ќе може да одговори на неговите барања, а и да ги донесе посакуваните резултати.

Тимот се бореше од почеток до крајот, мина доста предизвици, а големата посветеност и работа се исплатеше, па Шкупи по пет години обезбеди место во Првата лига и тоа како второпласиран тим во шампионатот зад МКК Куманово.

-Јас, играчите и управата успеавме да го вратиме Шкупи во првата лига по пауза од пет години. Јас дојдов во третото коло, па во „од“ ја менувавме екипата, најголемите промени се случија на полусезона, во преодниот рок по Нова година го комплетирав ростерот кој издржа до крајот на сезоната. Успеавме да ги реализираме плановите на клубот, тоа за што бев ангажиран, -истакна Симиќ и обелодени како може да изгледа екипата во следната кампања.

foto: kfsm.mk

-Има дел од играчите кои треба да се задржат, нормално да се надополнат со поквалитетни играчи кои имаат поголемо прволигашко искуство, а на некои позиции ќе мора да се засилиме со странски кошаркари. Кај нас има недостаток на играчи на одредени позиции, прва цел е да донесам што повеќе домашни играчи, а ако не можам ќе бидам присилен да надополнам некои позиции со странци. Јас сум повеќе за домашни играчи, да играат и да се промовираат, -порача поранешниот македонски репрезентативец за „Дерби“.

Нашата легенда воедно даде и оценка за комплетната натпреварувачка сезона, квалитетот на лигата со оглед на тоа што покрај него на тренерските позиции ги имавме Марин Докузовски во МКК Куманово, Перо Блажевски и Диме Тасовски во Маџари, докажани имиња во мак-баскетот.

-Оваа година имаше добро познати кошаркарски имиња, тренери во втората лига што ја направи поатрактивна. Меѓутоа имаше три-четири екипи кои отскокнуваа со квалитетот, организациски, тренажен процес, тие што имаа амбиции се издвоија од останатите клубови. Имаше и тимови како МЗТ и Работничи со помлади тимови кои развиваат играчи, па дефинитивно може да се заклучи дека лигата беше поквалитетна во споредба со некои претходни години, -заклучи стратегот на Шкупи.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни