Поврзете се со нас

Шах

ВМ Чоловиќ: Ограничувањето на странците е од огромна полза за македонските играчи

Објавено

на

Македонскиот велемајстор Александар Чоловиќ од лани е претседател на интернационалната Асоцијација на шаховски професионалци (АСР), поради што поретко го гледаме како играч.

Во интервјуто за „Дерби“ по повод неговата нова функција, тој открива дека се уште смета дека е во полна играчка сила и дека е меѓу првите пет шахисти во Македонија, а отвора и интересни теми во поглед на ограничување на странските играчи во македонската лига, како и при постапката за избор на селектор.

ДЕРБИ: Што претставува АСР и како се случи ти да бидеш на чело на оваа организација? Кои права ги брани и застапува АСР на меѓународно ниво и дали воедно ги брани и правата на македонските шахисти?

– Во 2016 година на предлог на тогашниот претседател ВМ Емил Сутовски се приклучив на организацијата и бев избран за Генерален Секретар. Во 2018 година ACP беше важен фактор во победата на Аркадиј Дворкович на изборот за претседател на ФИДЕ. Емил Сутовски стана Генерален директор во ФИДЕ, а во ACP се одржаа нови избори на кои јас бев избран за Претседател. ACP е организација во која покрај играчи може да членуваат и шаховски тренери, новинари, организатори и судии. Целта на организацијата е да работи на подобрување на условите шаховските професионалци (сите горенаведени) и да ги штити нивните права. Тие права се од различен карактер, на пример реагираме при неисплати на награди, конфликти на играчи со организатори и федерации, злоставување од страна на организатори или федерации, забрани за играње итн. Што се однесува до македонските професионалци, во моментов не гледам отворено прашање во смисла дека некое право е нарушено. Може да се разговара што е подобро или како да се направи да биде подобро, но правата се чини дека се запазени.

ДЕРБИ: Дали те загрижува фактот што и покрај тоа што исто како и во другите спортови, имаме голем број младинци кои тренираат одреден спорт, но не играат за македонските екипи на државното тимско првенство бидејќи предимство добиваат странски играчи од понизок ранг, кои се согласуваат да играат без хонорари или дневници за службен пат?

– Ниту АСР, ниту ФИДЕ не навлегуваат во интерните процедури на федерациите, а јас не сум детално запознат со прописите на ШФМ. Мое лично мислење е дека би било од огромна полза за македонските шахисти ако се ограничи учеството на странските играчи. Во моментов се дозволени 3 странци во еден меч, јас би рекол дека треба да има најмногу 1. Со тоа ќе се стимулира развојот на домашните играчи кои ќе знаат дека мора да играат и да се залагаат, а не да сметаат работата да ја завршат странците. Ова не значи дека екипите нема да можат да регистрираат странци како и до сега, само дека во еден даден меч ќе може да настапи еден странски играч. Во женската лига, која се игра на 2 табли, сметам дека не треба да има странци. Во Македонија секако има малку девојки кои играат, па уште и да им се одземе 50% од местата во екипите со учество на странски играч е премногу. И тука логиката е иста – да се стимулираат домашните играчи да играат и да работат.

ДЕРБИ: Кој треба да предложи такво нешто? Кој може да поведе грижа за таквите проблеми на македонските играчи?

– Кај нас нема организација или тело кое би ги претставувало интересите на шахистите (знам дека постои претставник на играчите, но тоа не е исто). Играчите имаат право да формираат такво тело со Законот за спорт во член 14-А, но од лично искуство знам дека македонските шахисти се мошне инертни кога станува збор за заеднички интереси.

ДЕРБИ: Дали на личен план се уште имаш неостварени играчки желби? Зошто повеќе не настапуваш на македонските турнири и државни првенства?

– За жал премногу сум зафатен со разни активности за да можам да играм шах колку што би сакал. Но и покрај таа делумна неактивност (успевам да играм во лиги во Англија, Шпанија и Германија) сметам дека сум во најдобрите 5 во Македонија. Дури и да биде предложен и усвоен календар за македонските шаховски активности, тоа не е гаранција дека јас ќе можам да учествувам, бидејќи некои обврски ми се појавуваат на кус рок и без претходна најава.

ДЕРБИ: Дали според тебе постои конфликт на интерес ако еден селектор во исто време е член на УО во федерацијата како претставник на играчите, бидејќи всушност одговара за својата работа пред истото тело? Пред неколку години ти беше селектор на женската репрезентација, па ме интересира дали попрво би се нафатил повторно да бидеш селектор или „претставник на играчите“ во УО?

– Повторно не би можел да дадам попрецизен одговор затоа што не ја знам точно структурата на ШФМ. Членувањето во УО не ме интересира, а што се однесува до мојата улога на селектор, мислам дека можам да помогнам во голема мерка како на машката така и на женската репрезентација. Сметам дека прашањето кој да биде селектор треба да тргне од играчите, затоа што тие самите треба да изберат со кого сакаат да работат како за време на подготвителниот период така и за време на репрезентативниот настап.

ДЕРБИ: Можеби се определи да започнеш со тренерска кариера бидејќи беше пред некоја година беше предводник на женската селекција за Европското првенство во Грција?

– Претходно кога спомнав многу активности, дел од тие активности е и тренерската, но не можам да кажам дека се гледам себеси како тренер, иако имам постигнато значајни успеси на тоа поле. На пример ИМ Марина Брунело од Италија, со која сеуште работам, освои златен медал на Олимпијадата во Батуми во 2018 година, истата година ИМ Франческо Сонис стана Европски првак до 16 години. Сепак, според мене најголемиот успех беше со женската репрезантација на Македонија на Европското првенство на Крит во 2017, кога стартувавме како 30 од 32 екипи а на крај поделивме 20. место и за прв пат бевме пред машката репрезентација! И сето тоа играјќи без резерва! Атмосферата и ентузијазмот што владееше во екипата на тоа првенство е нешто што дотогаш го немав видено и доказ дека со голема желба можат да се постигнат неверојатни успеси. Општо земено, немам против да работам со луѓе на кои сметам дека можам да им помогнам, но разните ангажмани, како лични така и тие со ACP и ФИДЕ (каде што сум советник во Комисијата за чесна игра), не оставаат многу време за тоа.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни