Поврзете се со нас

Атлетика

Штипјанецот Манев успешно го истрча ултра маратонот во Словенија

Објавено

на

Штипјанецот Тони Манев успешно ги мина сите предизвици и ја заврши исцрпувачката ултра траил трка од 177,5 километри што се одржа во Крањска Гора, Словенија.

Ултра треил маратонот во Словенија е дел од најпознатата организација УТМБ (Ултра Траил Мон Блан) и претставува квалификациска станица за учество во големата маратонска серија од 7 настани.

За остварување на овој подвиг, на Манев му требаа повеќе од 45 часа.

– Големо задоволство ми е што успеав да ја завршам трката и да ги истрчам сите 177,5 километри. Патеката беше тешка и имаше висинско искачување од 10.720 метри, а сето тоа доведе до откажување на преку 40 учесници. За мене, најтешки беа првите 40 километри бидејќи невообичаено топлото време ме исцрпуваше. Уште тогаш почнаа откажувањата, а дел не успеаја да ги постигнат временските лимити. Поминав две ноќи без спиење и на моменти голем умор кој предизвикува тешки нозе, но имав поддршка од голем број луѓе што ги знам и не ги знам, па тоа ме мотивираше. Првата ноќ трчав сосем сам и се движев доста брзо. На 109 километар имав добра логистка, пресоблекување, ладен туш, чорба – а потоа почна искачувањето, 6 километри со висинска разлика од 1.600 метри. На врвот беше ладно, ветер и студ, немаше логика да се одмара. Само дополна на вода и спуст надолу. Тука прв пат отворив телефон и видов колку пораки за поддршка имам добиено, тоа ми даде сила да одам понатаму.

– После 120 километри, на врвот од планината Стол најдов еден полузаспан натпреварувач на патеката, Италијанец. Успеав да го разбудам и да го убедам да тргне со мене, а тука беше и една девојка од Босна со болки во нозете. Продолживме со бавно темпо, но за жал Италијанецот се откажа. Последните километри беа борба со планината, со времето, со стрмниот терен, движењето беше навистина отежнато, но целта веќе се надѕираше. Среќен сум дека заврши онака како што посакував, емоциите ме обземаа, ова беше она за што сонував последниве шест месеци подготвувајќи се секој ден. Се надевам дека ќе има и следен, па и километражата нека почнува и со бројот 2,- вели Митев кој сонува за учество во серијата маратони „Мон Блан“.

На ова натпреварување имаше вкупно 92 стартери, а од нив само 54 стигнаа до целта.

Манев трчаше во категоријата на учесници од 40 до 44 години за мажи и во неа е пласиран на 14 место со време од 45 часа, 35 минути и 59 секунди.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни