Поврзете се со нас

Шах

Велемајсторот Кирил Георгиев е победник на традиционалниот отворен меѓународен турнир во забрзан шах „Алкалоид Рапид Опен 2024“

Објавено

на

Поранешниот светски младински првак, како прворангиран играч (на стартната листа на турнирот според рејтингот), го оправда статусот на фаворит, па со осум победи и со три ремија стигна до победничкиот трофеј и до наградата за прво место. Членот на ШК Алкалоид без ниту еден пораз, при темпо од 10 минути по играч за целата партија (плус 5 секунди за потег), се издвои на врвот со 9,5 поени од можни 11. Георгиев играше на првата табла за екипата на ШК Алкалоид на Светското првенство за шахисти над 50 години, кое се играше во Струга минатата година, и со овој успех уште еднаш ја покажа својата висока класа, за што сведочи и неговата успешна повеќедецениска интернационална кариера.

Оваа година турнирот беше продолжен од 9 на 11 кола, но неизвесноста повторно траеше до самиот крај бидејќи на половина поен зад првопласираниот беше уште еден член на ШК Алкалоид, велемајсторот Звонко Станојоски, кој, исто така, имаше успешна година зад себе со освојувањето на државната шампионска титула, како и со други победи на рапид турнири.

Од третото до деветтото место имаше седум играчи со по 8,5 поени, па наградите беа поделени според дополнителните тај-брејк критериуми. Во оваа група имаше тројца македонски шахисти од помладата генерација: ИМ Никола Николовски, АФМ Антон Златков и ИМ Тони Лазов. Првата десетка ја комплетираше ИМ Дејан Стојановски како најдобар од групата играчи со 8 бода.

На турнирот настапија вкупно 234 шахисти, што претставува рекорден број досега, а 49 од нив беа странски играчи. Особено е убаво тоа што 79 беа шахисти помлади од 20 години, што зборува за интересот на младата популација за шаховската игра.

Покрај првите десет во генералниот пласман, доделени беа уште десет специјални награди и медали за најуспешните младинци и младинки според старосните категории. Маја Нејковиќ-Величковски беше најуспешна дама со 7,5 поени, додека, пак, Моника Жежовска со 6,5 поени освои награда како второпласирана во оваа категорија. Шахистката од Грција Софија Вардака со 7 поени беше прогласена за најдобар играч на турнирот во категоријата учесници со почетен рејтинг под 1800, а нејзината сонародничка Василики Александри со 6,5 поени ја освои втората награда во таа категорија. Матео Ефтовски беше најдобар во категоријата играчи со почетен рејтинг под 2000, освојувајќи 8 поени, додека, пак, ФМ Александар Кралевски со идентичен резултат ја освои наградата за најдобар ветеран (играч над 65 години).

Меѓународниот турнир „Алкалоид Рапид Опен“ се одржува традиционално од 2012 година, а на ова издание беше забележан и просечен рејтинг на играчите од 1829, кој е најголем во последнава декада и е индекс кој го претставува високото ниво на учесниците од регионот.

Фото: Архива на ШК Алкалоид

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни