Поврзете се со нас

Македонија

Мојсовски за стилот на игра на новата генерација: Се надевам дека тоа ќе пројде добро против скандинавците

Објавено

на

Наумче Мојсовски беше дел од тимот на легендите кој вчера добро им парираше на надежите кои треба да го понесат сиот товар во репрезентацијата во наредните години, а по крајот на големиот ракометен спектакл во „Борис Трајковски“, пензионираниот бек направи и една паралела за забележителната промена во стилот на игра на новата генерација.

Мојсо прво посочи дека натпреварот организиран од Федерацијата му побудил незаборавни спомени од 2009-та година и натпреварот со Исланд, но исто така им даде поддршка на младите ракометари кои веќе се оставени сами на себе и веќе нема да можат да се потпрат на Лазаров, Миркуловски или Мојсовски на теренот.

– Ми се разбудија убави спомени, ова беше убава глетка и се случија многу убави работи. Ова е генерацијата од која почна се во 2009-та година, од тука тргна возот за големите натпреварувања. Светското првенство во Хрватска ни покажа дека не заостануваме зад другите репрезентации, од таму почнаа нашите успеси. Убаво беше тоа што се собравме сите заедно, на младите им посакуваме успех, памет и да почнат да преземаат одговорност.

– Веќе на теренот ги нема ни Киро, ни Миркуловски, ниту Наумче, што ќе направат, ќе направат за нив. Имаат време пред себе и не треба да се создава притисок. Ова е нова репрезентација, нова генерација и се гледа дека имаат потенцијал. Сепак, во ракометот е потребно и време.

– Не треба да се заборави дека Киро и Наумче почнаа да играат големи турнири со репрезентацијата на 28 и 29 години, има време и за новата генерација. Секое вакво искуство ќе биде голем плус за нив, секој голем турнир ќе биде плус. Се надевам дека оваа промена во ритамот ќе биде добра за репрезентацијата. Ние игравме бавно, не им дававме на големите ѕвезди да работат со топка, додека оваа генерација сака да трча. Да се надеваме дека тоа ќе пројде добро со скандинавците и сите останати. Им посакуваме голем успех, – изјави Мојсовски, кој го пофали и потегот на Федерацијата да организира хуманитарен настан во чест на легендите.

– Голема благодарност до Федерацијата, мора да нагласам дека се беше перфектно. Многу од нас веќе добија благодарници и дресови, но првпат се собравме заедно. Тие што не беа простени, добија шанса да се простат, се беше перфектно. Федерацијата покажува дека е на ниво, ракометот е спорт број еден во Македонија. Лигата ни е се подобра и овие деца ги имаат сите услови за успех. Ние против Исланд почнавме со една маичка и еден дрес, сега е многу подобро, – заврши Мојсо.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни