Поврзете се со нас

АТП

Ѓоковиќ: Алкарас е гладен, ама и јас…

Објавено

на

Новак Ѓоковиќ обезбеди уште едно големо финале на грен слем сцената и тоа на Вимблдон каде за ривал ќе го има предводникот на новата генерација Карлос Алкарас.

Талентираниот Шпанец од година во година напредува, а најдобар доказ за тоа е овогодинешното издание во Лондон каде успеа да го постигне најголемиот резултат, да дојде до мечот за пехар и тоа на подлогата која реално не е по негов вкус. Битката меѓу Алкарас и Ѓоковиќ значи дека ќе гледаме соочување на двајца асови кои се на првите две позиции на АТП листата, ама и соочување на асови за кои ова е сосема различно искуство.

Ноле ќе го има статусот на фаворот, меѓутоа има големо почитување кон ривалот за кого има само пофални зборови.

-Ова е веројатно најочекуваното финале од почетокот на турнирот за повеќето луѓе. Ова ќе биде негово прво финале на Вимблдон. Тој е многу млад, но веќе е многу константен, дури и на трева, малкумина очекуваа дека ќе одигра вака добро. Неговиот стил на игра е направен за земја и побавни бетони, но неверојатно брзо се прилагоди на сите површини и предизвици што му ги поставуваат разни противници. Ова го гледам како негова голема сила бидејќи мислам дека тоа е и една од моите најголеми страни во текот на мојата кариера, бидејќи најдобро знаев да одговорам на различни предизвици.

-Му честитам, тој е одлично момче, ја почитува историјата на спортот и сите луѓе, немам ништо лошо да кажам за него. И за неговиот тим и семејство. Го гледав малку во Квинс, веќе имаше добра игра на трева, па судејќи според тоа како одиграа другите, мислам дека ова е најдоброто финале што можевме да го одиграме. И двајцата сме во добра форма, двајцата ја сакаме оваа титула и едвај го чекам тој натпревар. Тоа ќе биде најголемиот предизвик што можам да го имам во моментов, физички и психички и емоционално, -рече Ѓоковиќ кој за крај порача:

-Тој е еден од најбрзите момци и може да направи практично се што сака на теренот, а јас се сметам себеси за многу комплетен играч. Имавме прилично добар натпревар во Париз, се додека не почна да има физички проблеми. Мислам дека публиката уживаше. Сега сме во различни услови, тревата е неспоредлива со земјата. Да, јас имам повеќе искуство во играње финалиња на Вимблдон од него, но тој е во одлична форма, гладен е, млад е. Но, и јас сум гладен, па – ајде да имаме гозба, -подвлече големиот грен слем шампион.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни