Поврзете се со нас

Шах

Шаховската сезона продолжува со отворените првенства на Македонија – ИМ Панчевски и ИМ Коскоска се први носители

Објавено

на

Откако во текот на април започнаа шаховските активности со одигрувањето на екипните првенства во младинска конкуренција, како и со стартот на квалификациите за Втората лига, викендов во Скопје стартува Отвореното првенство на Македонија во шах, кое, наедно, се смета и за национално државно првенство. Паралелно со него посебно ќе се игра и Првенството во женска конкуренција.

Минатогодишните шампиони ВМ Звонко Станојоски и ФМ Моника Стојковска, обајцата членови на ШК Алкалоид, не се на стартната листа, па ако остане така, ќе биде извесно дека на крајот од турнирот ќе има нови државни прваци.

Предвидено е да се играат 9 кола според швајцарскиот систем, при што секој играч има на располагање 90 минути со додаток од 30 секунди за потег. Просечниот рејтинг според провизорната стартна листа на учесници изнесува 1791 поен.

Фото: Архива на ШК Алкалоид

Вкупно петмина шахисти кои се дел од првите 20 на листата на ФИДЕ како играчи со највисок рејтинг во државава ќе бидат дел од ова отворено првенство. Во согласност со таквиот распоред на силите, тие петмина можат да се прогласат за фаворити, а меѓу нив се и членовите на ШК Алкалоид ИМ Филип Панчевски и ИМ Тони Лазов, како прв и четврти носител.

ИМ Филип Панчевски ја освои титулата во 2022 година, но минатата година токму ИМ Тони Лазов имаше неколку успешни настапи со кои го сврте вниманието на себе. На Екипното првенство на Македонија за екипата на ШК Алкалоид имаше скор од 6 поени од 6 партии, а потоа играјќи за македонската репрезентација на Европското првенство во Црна Гора стигна до 6,5 поени од 7 партии, со што ја освои и првата велемајсторска норма.

На Отвореното првенство се пријавени 65 играчи, меѓу кои десетина се од младинските категории, од кои најголемиот дел настапуваат за новоформираниот ШК Мулти Есенс, кој, исто така, е под закрила на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.

Фото: Архива на ШК Алкалоид

Десет имиња се на списокот на учеснички на женскиот турнир, при што три од нив се дел од таборот на фармацевтите. Женскиот ИМ Габриела Коскоска засега е прв носител на овој турнир со просечен рејтинг од 1694 поени, а покрај неа тука ќе бидат и младите шахистки Леа Ефтовска и Бонита Јакимова. Според официјалниот распис, планирани се 9 кола како и на Отвореното првенство.

Партиите од првото коло стартуваат в сабота, 11 мај, од 17:30 часот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни