Поврзете се со нас

Атлетика

Трајковски освои бронзен медал на Балканијадата во Краљево

Објавено

на

Македонскиот атлетичар, Андреас Трајковски, освои бронзен медал на Балканијадата во Краљево и тоа освојувајќи го третото место во дисциплината скок во далечина.

Сѐ до последната, шеста серија, Андреас беше на првото место и на чекор до освојување на златен медал, но српските атлетичари, Страхиња Јованчевиќ (7.89 метри) и Лазар Аниќ (7.78 метри), се најдоа на првите две места, благодарение на нивните најдобри скокови во последната серија.

Андреас Трајковски одлично го започна натпреварувањето, кога ја отвори првата серија со скок од 7.67 метри, во втората серија прескокна 7.62, во третата 7.72 до кога беше и на водечката позиција, но потоа натпреварувањето беше прекинато еден час заради невремето, кое го зафати Краљево.

По паузата, во четвртата серија прескокна 7.55, а во петтата серија го потврди до тогаш водечкото прво место со скок од 7.75 метри. Трајковски во шестата серија немаше сили за да ги надмине скоковите на српските натпреварувачи и се најде на третото место.

Ова е уште еден одличен успех за македонскиот спорт и Андреас. Ова е негов втор бронзен медал од Балканијадите, првиот го освои на Балканијадата во сала во 2022 година.

– Многу сум среќен поради мојот бронзен медал од Балканското првенство во Краљево, но се надевав дека ќе победам, затоа што бев во водство во првите пет серии. Мојата форма е константна и никогаш досега во кариерата не сум бил вака подготвен. Среќен сум што ѝ донесов медал на Македонија и што покажав дека сум меѓу најдобрите скокачи во Европа. Продолжувам и понатаму со засилено темпо и кон нови успеси и победи, – изјави Андреас по освојувањето на бронзениот медал.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни