Поврзете се со нас

Европски првенства

Лазаров: Успеваме да го промениме менталитетот, јас верувам во чуда…

Објавено

на

Специјален известувач за „Дерби“ од Берлин, Ристе Влахов

Македонија успеа да забележи победа над Швајцарија и со тоа победнички да го заврши настапот на Европското првенство.

Нашата селекција одигра еден сосема поинаков меч од оние со фаворитите Франција и Германија, во најголемиот дел од дуелот знаевме што сакаме, правиме, покажавме каректер кога се кршеше резултатот и како третопласирани ја завршуваме А групата.

-Честитки до момците за желбата, борбата, ентузијазмот низ сите 60 минути. Вредна победа од повеќе причини, Швајцарија е квалитетна репрезентација, имаа голема желба да победат поради нив и поради легендарниот Шмид. Бевме квалитетни, тоа што го пропуштивме во првите два меча, ги намаливме техничките грешки, тоа е рецептот за успех. Нашата одбрана беше подобра и со тоа нашите голмани. Знаевме што правевме, им дадовме повеќе голови на Швајцарците од Франција и Германија. Задоволен сум од прикажанот, -истакна селекторот Кирил Лазаров.

-Успеваме да го промениме менталитетот, се надевам дека ова е првиот чекор кон тоа. Дали имав страв од пораз во самиот финиш? По 45. минута паднавме енергетски, се обидувавме на неколку начини да се одржиме, изгубивме доста енергија, играчите на Швајцарија имаат силни мечеви преку целата сезона во квалитетни лиги, клубови и на нив не им недостасува таа енергија, но успеавме некако и со ротација и спортска среќа која ја заслуживме. Се боревме до крај, имавме сплотеност, жар, борба и на крајот ја заслуживме победата. Ова не беше ништо стратегиски, ништо тактички, пред мечот им кажав момци само желба и борба. Не беше лесно да се мотивираат ракометарите по поразите од Франција и Германија, но успеавме, -додека нашиот предводник кој е свесен дека треба уште да се работи за да бидеме на повисоко ниво.

-Во квалификациите знаеме да одиграме добро и против поквалитетни репрезентации, ама кога ќе дојде системскиот турнир ни е потешко. Денеска правев муабет и со Словенците кои имаа три перфектни натпревари, се видов со Зорман и му ‘велам каде одите – вика одиме во Хамбург и играме со Шведска, Данска и Холандија’… Треба да имате квалитетен ростер за да бидете компетитивни. Ние во моментов можеме да одиграме два-три натпревари, но замислете да треба да одиграме уште три меча во овој ритам со вакви квалитетни противници. Тоа е тешко, мора да бидеме реални.

-Треба да се работи, 95 проценти од играчите ни се од македонската лига која е сѐподобра, но треба уште да се вложува да се дава шанса на македонските играчи, да се вложува во тренажен процес, стручен кадар за тие играчи да се усовршуваат. Немам ништо против странците. Напротив квалитетен странец секогаш треба да биде добредојден во Македонија. Јас кога бев дете имавме екстра квалитетни странци од кои учев и јас. Потребни се и сега да бидат учители на овие наши македонски деца кои се од помладите категории. Јас сум реален, ние заостануваме, но срцето, желбата, вербата и љубовта кон ракометот кој е спорт број еден прави некогаш да сме нереални и да посакуваме нереални работи. Јас верувам во чуда и ќе тежнееме кон тоа и понатаму, -порача Лазаров.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни