Поврзете се со нас

Македонија

Коментар: Трките како двигател на една локална економија

Објавено

на

Патеката „Ред Бул Ринг“ е само ребрендирана од она што порано беше познато под имињата „Остерајхринг“, „Целтвег“ и последно „А1 ринг“. Со преземањето од страна на Ред Бул, се засноваше „Проект Шпилберг“ во чија што суштина лежи идејата целиот микро-регион околу патеката да прерасне во спортски комплекс.

Името Шпилберг е од ближното село до патеката, кое во превод значи „планина за игра“. Иако веројатно оние кои кумувале на таквото име не ги имале предвид трките кои се развиле на оваа територија во раните седумдесетти години на минатиот век, од денешен аспект се втемелувачи на концептот откако гигантот Ред Бул ја презема патеката некаде по 2010 година. Оттука, слоганот „Nomen est omen“ или кај нас преведен како „Името кажува се“, не може да биде посоодветно употребено.

Таканаречениот „Проект Шпилберг“ сега вклучува секакви идеи и секакви понуди. Она што на обичниот турист прво ќе му падне во очи е дека традиционалните облеки од регионот на Штаерска денеска се во преден план кога станува збор за хостеси, па дури и за официјални лица во некои објекти. Ако порано локацијата Целтвег била позната само по бегалски кампови по Втората светска војна (превод на „Целт“ е „шатор“) денеска подножјето на Алипите доживува своевидна трансформација која освен модерното, обрнува големо внимание и на локалните традиции. Така на пример, организаторите на трката за Големата награда на Австрија ги дочекуваа светските ѕвезди, поточно Ф1 пилотите на „зелен тепих“ наместо филмските традиции од северно-американскиот континент кои ја форсираат црвената боја.

Во регионот има се и сешто, иако нема голем град (најблиску е Грац на 80 километри), но сепак кога ќе дојдат големите настани од светот на трките, се чувствува недостаток на капацитет за сместување. Според веб-страницата на „Проект Шпилберг“ и во тој сегемнт се прават инвестиции преку реновирање на стари замоци, но и изградба на модерни објекти, како застаклен кафе бар на врвот од еден бетонски столб. Забавен парк, подиум за концерти се нешта што ќе ги најдете покрај автодромот, додека патека за мотокрос или за летање со параглајдер има во непосредна близина.

Photographer Credit: Philip Platzer/Red Bull Content Pool

Photographer Credit:
Philip Platzer/Red Bull Content Pool

Регионот позната по реката Мура и претходно им беше познат на оние кои уживаат во зимските спортови, но планините одамна не се интересни само во зима, напротив! Отворањето на овој регион кон туризмот се потпира токму на оние кои ја сакаат природата, па освен трките со формули, мотори, камиони и авиони што се одржале досега на автодромот, па сега целата таа програма е проширена и надополнета бидејќи во околината има планински врвови од 700 до 2.700 метри надморска височина. Покрај за планинарите, тие се отворени и за велосипедистите, параглајдеристите но и за обичните туристи во потрага по убави сликовити предели за одмор од урбаните џунгли. Неодамна Шладминг ја истакна својата кандидатура за организација на Зимските олимписки игри во 2026 година, а се наоѓа на 100-150 километри од овој регион, но во апликацијата нудат дел од трките да се одржат на тукашните терени.

Модерните трендови во хотелскиот туризам да се прошири понудата со „спа“ услуги, како и други идеи кои бараат блиска конекција со ресторанските и хотелските капацитети од типот на венчавки, прослава на разни церемонии, понуда на локални гастрономски специјалитети, ставаат акцент на тоа дека во регионот може да се искуси се и сешто, па дури еден престој за време на еден гран при викенд ќе ви биде малку.

Оваа колумна ја завршувам со надеж дека сето ова што го видов со свои очи во Австрија не е далеку од реализација во Македонија, бидејќи имаме слични региони каде што на мал простор се нудат многу нешта, па ете би ја земал за пример Преспа со езеро, планина и низа локални традиции, но верувам дека истото може да се каже за Малешевијата, за Маврово, за Шапка итн. Не е потребно да сонуваме, сето ова веќе постои и е пример како авто спортот може да биде двигател на една локална економија, промотер и перјаница на регионот. Кога ќе се погледне листата на партнери во „Проект Шпилберг“ станува јасно дека сето тоа не го носи на плеќи само еден човек, туку дека тоа е идеја што ја препознале повеќе компании и која што има здрави основи.

Александар Табаковски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни