Поврзете се со нас

Формула 1

Хамилтон го доби дуелот со Ферстапен, драмата во Бахреин најавува атрактивна Ф1 сезона

Објавено

на

Луис Хамилтон победи на првата трка од новата Формула 1 сезона, која денеска се возеше во Бахреин, а на која успеа да ја добие драматичната завршница и жестокиот дуел со Макс Ферстапен.

Ферстапен ја започна трката од пол-позицијата, но Луис Хамилтон го презема водството преку пит-стоп стратегијата и го имаше се до крајот.

Во меѓувреме, возачот на Ред Бул благодарение на тимската стратегија за завршницата сериозно ја намалуваше предноста поради посвежите пневматици и последните пет кругови донесоа вистинска драма.

Ферстапен успеа да го претекне Хамилтон на два круга до крајот, но откако тоа го направил излегувајќи надвор од патеката, доби тимска наредба да го пропушти Британецот за да избегне казна.

Хамилтон се врати на почетната позиција и до крајот не дозволи повторно да биде претекнат од Холанѓанецот, кој сигурно ќе биде разочаран со второто место.

Валтери Ботас имаше катастрофален пит-стоп поради грешката на механичарите и мораше да се задоволи со третата позиција, Ландо Норис го освои четвртото место, додека задоволен мора да биде и Серхио Перез кој стигна до петтата позиција, иако поради проблеми со болидот, мораше да стартува од последното место.

До десеттата позиција се најдоа Леклер од Ферари, Рикардо од Мекларен, Саинц од Ферари, Цунода од АлфаТаури и Строл од Астон Мартин.

Повратникот во Ф1, Фернандо Алонсо не ја заврши трката поради проблеми со сопирачките на болидот на Алпин, а пласман не обезбедија и Гасли, Мазепин и Латифи.

Мик Шумахер на своето Формула 1 деби го освои последното 16. место меѓу возачите кои ја завршија трката.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни