Поврзете се со нас

Боречки спортови

Заборски со одговор до Кузмановски: клупските тренери се најзаслужни за освоените медали во каратето

Објавено

на

Карате клубот „Макпетрол“ и тренерот Бошко Заборски, неодамна реагираa за дебаклот и катастрофално лошиот настап на сениорската карате репрезентација на Македонија на неодамна одржаното Светско првенство во Будимпешта и претходно одржаното европско сениорско првенство. На демантот од селекторот, повторно се јави Бошко Заборски со свое појаснување кое го пренесуваме во целост.

„Во демантот од селекторот Александар Кузмановски забележително е дека тој не дава никакви стручни согледувања за лошиот настап на репрезентацијата за што беше посочен како најголем виновник. Тој целата вина ја става на клупските тренери, иако репрезентацијата работеше цело време по негова а не по клупска програма за подготвување и ИО на КФРСМ овој пат во целост му ја подржа програмата.

За наводите изнесени за стручниот тим, тој вели дека најдобри тренери ја водат селекцијата и тој без никаков респект кон другите тренери кажува дека е најдобро рангиран тренер. Ова тврдење е невистинито.

Кузмановски ги прикрива објективните факти дека за селектор на помлади сениори (У21) е избран Мартин Несторовски, млад и неискусен тренер, кој воопшто не работел и не се докажал како тренер ниту во клуб, нема своја спортска сала и нема освоено ниту еден пионерски медал на државно првенство, а да не зборуваме за освојување на европски и светски медали. Несторовски без ниту еден одржан тренинг со спортистите Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ (карате клуб „Макпетрол“), беше награден со 3.500 евра, за освоените европски бронзени медали на овие спортисти на последното европското првенство во Ларнака, Кипар за (У21).

Александар во својот демант дава лажно преставување и без никаква грижа на совест го присвојува трудот кој со години го вложуваат клупските тренери Сашко и Жарко Арсовски. Имено, Кузмановски врши присвојување на највисокиот сениорски резултат кој е постигнат. Тој тврди дека резултатот што го постигнал спортистот Емил Павлов (Штип) (Светски сениорски медал Дубаи, ОАЕ) е направен по негова заслуга, иако за тој резултат тој нема ни еден ден стручна активност или, пак, одржан тренинг со овој врвен спортист, бидејќи по дадената оставка на актуелниот екс-селектор Сашко Арсовски тој дојде како в.д. селектор и стапи на таа должност два дена пред тргнување на светското првенство

Од друга страна, бесрамно се кити со туѓа пот и мака ја зема наградата од 5.000 евра за врвен спортски резултат кој поради лошиот правилник му ја додели Агенцијата за млади и спорт (АМС). Ваквата пракса продолжи потоа и за бронзениот сениорски медал на Петар Спасеновски („Макпетрол“)од европско сениорско првенство во Турција, Газиантеп. Кузмановски не одржа ниту еден тренинг со овој спортист, а ја зема наградата од 5.000 евра од АМС. Тој е награден со 3.500 евра и за двата освоени светски сребрени медали во Коња, Турција (У21), први во досегашна карате историја на Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ („Макпетрол“).

Вториот медал за кој тој тврди дека по ранг е најголем историски успех го освоил на Младинска Олимпијада каде учествуваа најдобри осум светски спортисти. Ова е медал освоен во јуниорска конкуренција и е за поздравување, но само да споменеме дека „Макпетрол” оваа година освои исто таков медал во Топ 8 спортисти во Ријад, Саудиска Арабија на Светски игри на Боречки спортови со Витомир Трајковски и тоа во поголема возрасна категорија (У21). Претходно Наташа Илиевска исто од „Макпетрол“ освои бронзен медал во Пекинг, Кина на Светски игри во сениорска конкуренција во Топ 8 спортисти во свет.

МОК (Македонскиот Олимписки Комитет), за индивидуалните боречки спортови има Правилник по кој, само клупскиот тренер може да го води Олимпискиот кандидат на натпревари кои се во нивна организација. Клупскиот тренер е најзаслужен за освојување медал, но кога клупските тренери се отстранети и со нив не се соработува, тогаш неуспесите и критиките паѓаат на товар на селекторите.

Александар Кузмановски во досегашна тренерска кариера нема освоено сениорски медал од официјални највисоко рангирани првенства. По број на освоени медали тој е на четвртата позиција, но бидејќи тренерите Арлинд Хусеини и Сашко Патраклиев имаат освоено сениорски медали, а тој нема, тоа значи дека тој е на шестата позиција во сениорска конкуренција на успешни тренери.

Ако ги селектираме освоените медали по тежината и по наградување и спортската политика од страна на државата, кога за постигнат резултат се доделува титула на спортист од светска категорија и спортист од меѓународна категорија, Светските универзитетски медали се најблиски до официјалните постигнувања. Ако ги додадеме и собереме сите заедно односно освоени 17 медали од Светски универзитетски првенства и 25 медали од официјалните првенства тогаш бројката на освоени медали е точно 42 медали, кои се рангираат како врвни спортски успеси на тренерот Бошко Заборски.

Александар Кузмановски, од друга страна, нема ниту еден освоен медал од светски и универзијади и нема освоено сениорски медал од светски и европски првенства, има само еден освоен медал во категорија на спортист од меѓународна категорија во (У21). Другите седум медали се освоени во кадетска и јуниорска возраст, што е сосема друга конкуренција која не се споредува со сениорските постигнувања.

Во мојата спортска кариера во три мандати бев селектор на Македонија и 20 години сум селектор на Универзитетската федерација и имам неспоредливо повеќе освоени медали и врвни спортски успеси како селектор на сениорска репрезентација на Македонија со спортистите: Ардита Исени, Иво Цветковски, Огнен Груевски, Сашко Арсовски, Жарко Арсовски, Наташа Илиевска од самопрогласениот „најдобар селектор и тренер Александар Кузмановски”, кој немајќи свои успеси се кити и афирмира со туѓи успеси.“

 

Тренер на Карате клуб “Макпетрол” – Скопје

Д-р сц Бошко Заборски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни