Поврзете се со нас

Светски првенства

Лазаров: Не сум безгрешен, но на ова Светско првенство останавме и без нашиот заштитен знак

Објавено

на

За „Дерби“ од Краков,
Ристе Влахов

Кирил Лазаров како селектор на македонската ракометна репрезентација прифати одговорност за трите порази во групната фаза на Светското првенство, но истакна дека е непријатно изненаден од своите ракометари кои се прикажаа во далеку поразлично светло во споредба со подготовките и квалификациите.

Легендарниот Кире е свесен дека притисокот си го прави своето и дека овие играчи се уште не се навикнати да играат релаксирано на големи турнири, но во својата анализа го издвои и фактот што 90 проценти од ракометарите играат во македонското првенство.

– Не сум задоволен од изданието на сите три меча. Послаби сме од сите, но не сме послаби за 10 гола разлика. Имавме лоши три натпревари и тоа го прифаќам како одговорност. Не знам што се случи со играчите, дали е притисок, дали е играњето во послаби лиги. 90 посто од играчите играат во послаба лига и немаат силни натпревари во текот на сезоната. Имавме двајца интернационалци, но Митервски оваа година не е брилијантен како претходните сезони, а Кузмановски речиси нема минутажа. Сакавме да го надополниме тоа со добра атмосфера, добра работа и систем, но наидовме на тврд орев денеска, но и на претходните натпревари. Игравме против нависитна силни селекции.

– Направивме многу жртва да бидеме овде, имаше многумина кои мислеа дека нема да играме големи натпреварувања, но ние сме тука и ова е ново искуство за мене. Видов како игра екипата на големо натпреварување пред нашите фанови. Видов многу работи и навистина сум изненаден. Тоа значи дека треба да се работи напорно и во иднина. Треба напорно да работиме за да не ни се случи тоа што се случи во фудбалот, кошарката и одбојката. Да го одржиме овој проект кој е граден со години, да го одржиме овој производ кој натера да донесе 2500 навивачи во Краков. Искрено сум им благодарен на навивачите, им се извинувам како селектор на нашите верни фанови.

– Сепак, ние имавме осум дебитантни, тоа се млади играчи, незрели да носат ваков притисок, поготово денеска каде мораше да победиме. Аргентина се покажа како цврста, знаеја што прават, а ние делувавме анемично. На подготовките игравме многу подобро и порастеретено, но едно е пријателски меч, а друго е турнир. Вакви натпреварувања си носат притисок. Прифаќам одговорност и јас имам погрешено, секако дека не сум безгрешен, но треба да промениме многу работи. Видовме каде сме со овие репрезентации, ова се големи селекции кои значат во светскиот ракомет. Холандија е во подем, Аргентина беше одлична на последното Светско првенство, а за Норвешка да не збориме.

– Изненаден сум од изданието на играчите, но сигурен сум дека еден ден ќе го подигнеме нивото за да им парираме на вакви репрезентации. Се надевам дека наредното Европско ќе биде подобро. Одигравме седум меча од стартот на годината, четири подготвителни и три тука. Заклучокот е дека голманите не ја преминаа границата од 10 одбрани на еден меч, во просек имаа по пет-шест одбрани. Во минатото тоа било заштитен знак за нас, голманите не ваделе, но тоа сега не беше така. Се случуваат и такви работи, во моментов, ова е реалноста и треба да сме среќни што треба ќе играме на следното Европско првенство. Да ставиме прст на чело и да работиме во иднина, не само во репрезентацијата, туку и во клубовите, – изјави Лазаров.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни