Поврзете се со нас

Билијард и Снукер

Најголем успех во кариерата на Панов, драмски пресврт против феноменалниот Сипковски

Објавено

на

Првата рунда од државното првенство во снукер на Македонија донесе исклучително содржајни мечеви, при што продолжува трендот на појава на нови силни играчи кои се замешуваат во борба за висок пласман.

Особено радува што бројноста на играчите расте, но расте и дисперзијата од градовите (учествуваа играчи од 7 градови), па така кавадарчанецот Петар Панов стигна до првиот триумф на турнир за државниот шампионат, а притоа во последните две рунди беше подобар од првите двајца играчи за минатата сезона: Берат Јашари од Куманово и Дејан Сипковски од Скопје.

Актуелниот шампион Јашари имаше одличен старт во групната фаза каде што со леснотија направи брејкови од +40, и тоа четири од првите четири фрејма, од кои највисокиот беше 55. Експлозивно започна и Сипковски кој во вториот меч од групната фаза имаше брејк од 63. Заедно со нив, во четвртфинале повторно се квалификуваа и кичевчаните, татко и син Ќазими, од кои помладиот Блендијан воедно е јуниорски шампион со свои 15години. Меѓу пријатните изненадувања е враќањето на зелената чоја за Владо Матоски, кој иако имаше долга пауза, немаше загубено во групните мечеви, а потоа во четвртфиналето во голем стил го надигра и Горан Ѓурчиновски.

Романсата беше прекината во судирот со расположениот Сипковски, кој во полуфиналето славеше со убедливи 3:0 и прв го резервираше билетот за големото финале, без загубен фрејм. Од друга страна, Панов во речиси сите мечеви одеше по потрлнивиот пат. Во четвртфиналната пресметка за малку ќе дозволеше враќање на младиот Ќазими во вториот фрејм, но успеа да ја стабилизира својата игра, по што во полуфиналето влезе во еден од најнеизвесните мечеви со минатогодишниот шампион Јашари, кој успеа да го добие иако кумановчанецот имаше водство во 2:1, па конечните 3:2 стигнаа по неколкучасовен дуел. Слично на ова, во финалето. Дејан Сипковски започна фуриозно и со триумф во првиот фрејм, но неколку ситуации како да го исфрлија од ритам, па наместо брза егзекуција, се случи драматично изедначување. Младиот Петар Панов со голема стрпливост и демонстрација на прибраност и нескршлива концентрација направи целосен пресврт, од 1:0 до 3:1 во своја корист.

Со овој успех тој го докажа огромниот прогрес во меѓусезоната и најави атак на титулата државен првак, по ланското трето место. Мора да се напомене дека на турнирот поради здравствени причини не се појави еден од се уште најдобрите македонски играчи и победник на првиот шампионат, Павле Данилов, па на следните четири турнири од државното првенство конкуренцијата ќе биде уште пожестока.

Снукерот својата ренесанса во Македонија ја живее и преку новоотворената спортска сала на БСК Гранклуб, која што беше опремена за следење на мечевите преку интернет ( www.snookeron.com ), и каде што одложно може да се погледнат овие натпревари кои го менуваат досегашното поимање на овој спорт, и тоа на подобро.

Возбудувањата продолжуваат веќе наредниот викенд, кога тројца наши играчи ќе настапат на Балканска Лига во Белград, за потоа на календарот да се најдат вториот турнир од државното првенство, како и Европското првенство кое ќе се игра во Албанија.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни