Поврзете се со нас

Шах

Искуството на „фармацевтките“ беше клучно во борбата за титулата

Објавено

на

Фото: Архива на ШК Алкалоид

На првиот ден од септември во Охрид заврши Женското екипно првенство на Македонија во шах за 2023 година, со триумф на дамите од ШК Алкалоид кои ја вратија титулата во клупските витрини.

Како и во 2021 година, „фармацевтките“ со максимални седум победи во седум кола се издвоија од конкуренцијата.

Во составот на тимот кој беше предводен од капитенот ВМ Влатко Богдановски, се најдоа две нови интернационални шахистки кои играа на првите две табли ВМ Бела Котенашвили и ИМ Лела Јавакишвили, а четири македонски шахистки го сочинуваа вториот дел од ростерот: ЖИМ Габриела Коскоска, ЖФМ Моника Стојковска, ЖФМ Весна Секуловска и Леа Ефтовска, која од минатата година се приклучи кон сениорскиот тим.

– Неизвесна лига, што кај дамите е како по непишано правило. Оваа година беше особено драматично бидејќи дуелот со ривалите имаше и специфичен профил во конструкцијата на тимовите: на една страна беа интернационалките од Грузија кои одлично го одиграа турнирот (иако во решавачкиот меч беа неутрализирани), додека во вториот дел беа нашите шахистки. Во одлучувачкиот меч на третата табла се играше „остра и драматична партија“, помеѓу повеќекратната шампионка на Македонија ЖИМ Габриела Коскоска најдоброрангираната млада шахистка Ивана Манова. Коскоска искусно и ладнокрвно ја надигра противничката. Во втората партија, актуелниот „број 1“ во македонскиот женски шах, ЖФМ Моника Стојковска играше со надежната јуниорка Моника Жежовска, партија во која и двете играа борбено и со желба за победа. Стојковска покажа исклучително силна концентрација и прецизност особено во петтиот час на партијата, со што победата беше заверена,- вели капитенот Богдановски.

Фото: Архива на ШК Алкалоид

Фото: Архива на ШК Алкалоид

Шахистките имаа причина за задовлство, бидејќи Коскоска имаше „4 од 4“, додека Стојковска отиде чекор понатаму со „5 од 5“, па на крајот го покачија и сопсвениот рејтинг за 21 односно 13 поени.

– Турнирот беше неизвесен до самиот крај бидејќи мечот за првото место се играше во последното коло. Задоволна сум бидејќи ги совладавме сите тимови со висока разлика. Сметам дека заслужено ја вративме титулата во наши раце и пресреќна сум што ШК Алкалоид стигна до двојна круна, односно до шампионските трофеи во двете (машка и женска) конкуренции. Задоволна сум и од мојот настап на овој турнир и очекувам следната година да ја задржиме титулата – вели Стојковска.

– Шампионатот ќе остане запаметен по некои неразјаснети инциденти, игнорантскиот однос на претседателот на федерацијата, пријатното изненадување на ШК Неготино, како и борбеноста до самиот крај. Беше напорно, се играа интересни партии и на крај пресуди искуството! Пехарот си го вративме и ќе се потрудиме да го задржиме уште долго време,- додава Коскоска.

Во текот на првенството, четири меча беа добиени со 4:0, два со 3,5:0,5 и директниот дуел со ривалот за титулата кој заврши 2,5:1,5 во корист на ШК Алкалоид.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни