Поврзете се со нас

Билијард и Снукер

Балканската лига во билијард стартуваше со победа на Маркај во Скопје

Објавено

на

Лабинот Маркај го освои првиот турнир од новоформираната регионална лига во билијард, што викендов се одржа во Скопје, откако во финалниот дуел славеше со 9:4 против легендата на македонскиот билијард, Дејан Сипковски, првиот македонски државен првак во овој спорт.

Играчот од Косово во финалето успеа да задржи високо ниво на сконцентрираност и покрај напорната агенда и многуте натпревари, со помалку непрецизности во финалето да триумфира во натпреварувањето. Финалето помеѓу Сипковски и Маркај беше многу по рамноправно отколку што е отсликано со конечниот резултат: двајцата играчи имаа едвај по неколку непрецизни удари, но младиот Маркај успеа да ја пронајде формулата за добро почетно разбивање на топките, што му даде клучна предност. Сипковски имаше најдобар учинок од нашите претставници, но на крајот и покрај неколкуте обиди за промена на пристапот во „разбивањето“ на топките, не успеа го најде својот ритам, ниту да ги искористи сите шанси при непрецизните удари на противникот.

– На овој турнир настапија 76 играчи, меѓу кои 30 од Македонија. По комплетирањето на натпреварите од прелиминарните кола се дојде до бројката од 32 натпреварувачи, од кои една третина, односно 11 беа домашни играчи, што е параметар кој го илустрира напредокот на младите играчи од земјава,- изјави Димитрие Маневски, претседател на македонската билијард асоцијација.

Во оваа фаза започнаа и објективно по квалитетните мечеви кои привлекоа големо внимание и реакции кај сите кои ги следеа. Младите Флорим Мемеди и Мирсад Зекири од Тетово остварија сигурни победи, а импресивна игра во оваа фаза покажа и Јасин Медиу кој ја комплетираше „четворката“ заедно со Сипковски што влегоа во завршницата со најдобрите 16 играчи.

Едмонд Заја од Албанија во два наврати со тесен резултат славеше против нашите играчи (7:6 против Тале Самарџиоски, 9:8 против Флорим Мемеди), со што стигна до полуфиналето каде беше елиминиран од победникот Маркај (9:7). Дејан Станковиќ (кој го елиминираше Медиу) беше трет и најдобро пласиран од играчите кои дојдоа од Србија, откако претходно Бојана Шарац тесно загуби со 9:8 од Амар Ѓушница од Косово, На крајот Ѓушница, а потоа и Станковиќ беа елиминирани од расположениот Сипковски. Во вкупно одиграните 33 партии во полуфиналето, сите играчи севкупно направија 3-4 грешки, што доволно говори за тоа со колку висок квалитет и интензитет се играше секој меч.

Лабинот Маркај го освои турнирот и со тоа стана лидер во генералниот пласман на годинешната Балканска Лига која ќе се игра во две дивизии (северна и јужна), а на крајот ќе има завршен мастерс турнир. Следните два турнира од оваа серија се предвидува да се одржат во Солун, Грција и Петрич, Бугарија. Една четвртина од износот на уписнините од секој турнир ќе се одвојува во посебен фонд за едукација и тренинг камп за младите играчи од балканските земји.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни