Поврзете се со нас

Македонија

Три пенал рулети во Купот: Ништо од „двојна круна“ за Шкупи, Силекс се уште сонува за одбрана на титулата

Објавено

на

Поради лошите временски услови, вечното дерби меѓу Пелистер и Вардар не се одигра ова попладне, но трите преостанатите четвртфинални дуели во Купот ни донесоа трилер завршници.

Пенал рулети се играа на трите натпревари кои се играа попладнево со почетокот од 13:00 часот, а во текот на регуларните 90 минути беа постигнати само два гола, и тоа на мечот меѓу Силекс и Брегалница (1:1).

Во Скопје, Шкупи не успеа да и се одмазди на Македонија за првенствениот пораз од пред извесно време, па така денеска остана без шанса за „двојна круна“ во Ѓорче Петров. По конечните 0:0 во регуларниот дел, натпреварот отиде во изведување удари од 11 метри, во кои „лавовите“ беа непогрешливи и погодија четири пати, а гостите од Чаир не реализираа два пати.

Со 4:1 во пенал рулетот, Македонија се пласираше во полуфиналето, а таму ќе ја гледаме и Струга која како гостин ја победи Шкендија во уште една пенал завршница.

Струга Трим Лум победи со 4:3 во фудбалската лотарија, а третиот патник во полуфиналето дојде од Кратово, каде по регуларните 1:1, исто така се пристапи кон изведување пенали.

Оваа пенал серија беше највозбудлива и имаше 12 изведувачи, во која Силекс победи со 5:4 и продолжи да сонува за одбрана на титулата во Купот. Последниот патник во полуфиналето ќе го дознаеме од одложената пресметка меѓу Пелистер и Вардар.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни