Поврзете се со нас

Шах

Карлсен спаси реми, Алкалоид денес во дуел за врвот

Објавено

на

Во петтото коло од Европскиот клупски куп, ШК Алкалоид со фантастични 5,5 : 0,5 ја совлада екипата „Offerspill Chess Club“, за која што на првата табла настапува Светскиот Шампион ВМ Магнус Карлсен.

Единствен кој успеа да спаси реми по четири часовна борба, беше светскиот првак Карлсен, кој водејќи ги црните фигури во партијата со ВМ Мамедјаров, одигра Кралево-индиска одбрана и многу рано се најде во послаба позиција, па скоро цела партија се бореше да не изгуби. Во завршницата до израз дојде неговото големо шаховско знаење и борбеност, па не дозволи „фармацевтите“ да слават перфектна победа. На втората табла ВМ Даниил Дубов, се чини, без многу напор го надигра ВМ Ариан Тари. Првата победа за Алкалоид ја донесе ВМ Јуриј Криворучко кој со белите фигури го изненади својот силен противник во отворањето и се здоби со опасен напад врз противничкиот крал. Црниот не се бранеше најпрецизно па мораше да капитулира во 27от потег.

На четвртата табла ВМ Инаркиев Ернесто победи со црни фигури против норвешкиот репрезентативец ВМ Фроде Уркедал. Перфектниот руски велемајстор, одигра уште една одлична партија и по 5 одиграни кола има исто толку освоени поени. До овој момент Инаркиев игра со перформанс од импресивни 3259 поени. Следниот поен за ШК Алкалоид стигна од шестата табла каде што македонскиот репрезентативец Филип Панчевски во остра позиција најпрво го неутрализираше нападот на противникот, а потоа спроведе решавачки контра напад. На петтата табла младиот руски велемајстор Александр Предке, позиционо без никаков ризик го надигра и победи својот послаб противник. По пет одиграни кола ШК Алкалоид има 8 освоени бодови и се наоѓа на делба на четвртото место.

Во шестото коло Алкалоид ќе игра дерби меч против екипата на АВЕ Нови Бор од Чешка која е трет носител на турнирот, и е една од трите екипи на врвот на табелата кои имаат по 9 бода.

Женскиот тим на ШК Алкалоид одигра одличен меч со еден од фаворитите на турнирот, “GRECO Kyiv Chess Federation”, која во составот ги има поранешната Светска првенка Ана Музичук, нејзината сестра Марија Музичук, предизвикувачка на светската првенка. По несреќниот превид и пораз на Екатерина Аталик, и реми во петтиот час на играта на останатите три табли, го загубија мечот со минимален резултат 1,5:2,5.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни