Поврзете се со нас

Шах

Шаховскиот клуб Алкалоид во второто коло со победи во двете конкуренции на Европскиот Клупски Куп

Објавено

на

Шахистите и шахистките на АЛКАЛОИД, извојуваа победи во второто коло на Европскиот Клупски Куп во Струга.

ШК Алкалоид многу убедливо со 5,5 : 0,5 ја совлада силната екипа Словен Рума од Србија. Резултатот ја покажа борбеноста и бескомпромисноста на “Алкалоидовците”.

Први своите партии ги завршија ВМ Александр Предке на шестата и ВМ Јуриј Криворучко на четвртата табла. Водејќи ги белите фигури обајцата се стекнаа со предност после отворањето и без никаков ризик ги совладаа своите противници ИМ Станковиќ Милош и ВМ Перуновиќ Милош.

На останатите четири табли се водеше голема борба. По неколку пресврти, новото засилување на Алкалоид, ВМ Дубов Даниил успеа да го надмудри својот противник поранешниот светски младински шампион ВМ Миладиновиќ Игор.

На петтата табла ВМ Инаркиев Ернесто по долга борба во завршница успеа да го скрши отпорот на ВМ Миљковиќ Мирослав и покажувајќи го своето огромно шаховско знаење стигна до целиот поен.

Најнеизвесна, остра борба се водеше на првата табла помеѓу извонредниот и секогаш креативен шахист – Мамедијаров Шахријар и најсилниот српски шахист ВМ Инџиќ Александар. Во меѓусебен цајтнот Мамедјаров, играјќи со црните фигури, пронајде победничка комбинација по што белиот по седумдесет потези мораше да капитулира. Последен својата партија ја заврши Самуел Шанкланд, со реми по четириипол часовна борба во која не успеа да ја реализира предноста против повеќекратниот српски шампион ВМ Иван Иванишевиќ.

Повторно, без изненадувања и во другите мечеви, сите останати фаворити остварија победи: “Mednyi Vsadnik” Русија, “AVE Novy Bor” – Чешка, “KPRF” – Русија.

Следен противник на ШК Алкалоид е мошне солидната екипа “Silla-Valencia Origin of Chess” од Шпанија, петторангирана на стартот.

На женскиот турнир, шахистките на Алкалоид со сигурна игра, дојдоа до првата победа на Европскиот Клупски Куп. Со победите на ИМ Полина Шувалова на првата и ИМ Ирина Булмага на третата табла, дополнето со реми на ИМ Аталик Екатерина на втората табла, ја поразија екипата на МШК Центар со 2,5:1,5. Во наредното коло се среќаваат со ГШК Куманово.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни