Поврзете се со нас

Шах

Скандал во ШФМ: Се бараат технички организатори и изјави за прифаќање ризик на заболување од Ковид-19?

Објавено

на

„Дерби“ дознава за преседан во организацијата на државните првенства на Македонија со барањето на Шаховската федерација да најде организатор, кој ќе ја преземе одговорноста за евентуално настанатите штети при организација на турнири.

ШФМ досега оваа година нема организирано ниту еден турнир, иако сите професионални шахисти кои живеат од овој спорт, тоа го очекуваат, и во повеќе наврати го изјавија за „Дерби“ (ВМ Кирил Георгиев, ИМ Никола Николовски, ИМ Тони Лазов итн).

Откако пред неколку дена беше обелоденето дека е усвоен Протокол за заштита на играчите за време на партиите, со кој се предвидува учесниците да даваат и изјави дека самостојно го сносат ризикот за заболување од Ковид-19, сега се бара технички организатор за Државно првенство во Втора лига и за Државно младинско првенство. Ваквата идеја беше обелоденета преку социјалните мрежи од селекторот Роландо Кутиров, кој е член на Управниот одбор на федерацијата, а во една дискусија за организација на турнири се јави со свој пост.

„Дерби“ дознава дека во текот на вчерашниот ден преку интернет-состанок се барало од еден прволигашки шаховски клуб да се нафати да биде организатор на државното првенство. Состанокот бил наелектризиран со поларизираните ставови околу безбедноста и видни шахисти од Македонија откажале секакво учество, било во улога на играчи, тренери или судии.

Неофицијално дознаваме дека двајца од тројцата интернационални судии во Македонија не и се достапни, поради што се прави притисок врз еден судија да ги администрира настаните кои се во план. Од друга страна, настаните кои треба да се рејтингуваат во ФИДЕ се пријавуваат еден месец порано, па штом досега не се пријавени се поставува прашањето зошто се брза да се организираат токму сега?

Шаховската федерација нема гласноговорник, а Претседателот Благоја Богоевски не одговара на телефонските повици. На нивната веб-страна стои само стариот календар со усвоените настани кои не се организирани поради појавата на пандемијата со Ковид-19. Поради ваквиот нетранспарентен однос, „Дерби“ упатува до Благоја Богоевски јавно барање за интервју во кое ќе треба на шаховската јавност да и даде одговори на неколку прашања:

1. Согласно кои акти на федерацијата сака да го пренесе организирањето на државното првенство на друго правно лице и под кои услови? Зошто се брза со закажувањето на турнирите за две седмици (Втора лига), односно три седмици, со што се остава простор за бојкот од страна на играчите како што беше лани скандалот со петте јуниорки кои беа единствени учеснички на Женското индивидуално првенство?

2. Како децата и младинците кои немаат деловна (правна) способност, а се натпреварувачи во јуниорските првенства, ќе поднесат изјави за прифаќање на можноста од заболување со Ковид-19 и кој ќе ги ослободи нивните родители од кривична одговорност ако нивните деца нанесат штета на трето лице заразувајќи го со Ковид-19 при асимптоматски случаи?

3. Зошто во услови кога не се отворени ниту градинки, ниту училишта (за да се забрани групирање на млади лица), ШФМ сака да организира младинско првенство и покрај укажувањата од Владата дека (1) 86% од случаите се асимптоматски; (2) младите поретко заболуваат и се најчесто асимптоматски, но можат да шират инфекција! (линк до прес конференција на Венко Филипче)

4. Доколку ШФМ сака да организира младински првенства – зошто не побара скрининг од државата доколку навистина се грижи за безбедноста на луѓето, наместо да бара ослободување од одговорност во случај натпреварувачите се заразат? Зошто ШФМ не плати за тестирање на играчите, наместо популистичкото ветување за плаќање на половина од пансионите за играчите, во хотел покрај езеро за екипите од Втора лига?

5. Зошто Богоевски се уште нема организирано Изборно собрание на ШФМ, иако уште на редовното собрание одржано во хотел „Карпош“ во февруари оваа година, од дискутантите беше „неофицијално потсетен“ во дел од дискусиите дека му е истечен четиригодишниот мандат?

Го замолувам Претсетдателот на ШФМ да ни ги достави одговорите преку електронска пошта во писмен формат на нашата официјална адреса, но на негово барање ќе му овозможиме и говорно интервју во интерес на правилното информирање на шаховската јавност.

„Дерби“ е известен од родители на млади шахисти дека во тек е информирање на надлежни органи како Инспекторска служба при Агенција за млади и спорт, како и институции  (Народен Правобранител, Детска амбасада „Меѓаши“) со цел за востановување дали со ваквите планови се прекршени извесни прописи или права на децата.

Александар Табаковски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни