Шах
ИМ Тони Лазов: Затвореното државно првенство е најмеродавно, тоа е титула што носи чест!
Најсвежото име на македонската шаховска сцена е Тони Лазов, шахист кој по ИМ Филип Панчевски и ИМ Никола Николовски е трет со ваква титула во втората декада на овој век, а според рејтинг (2405) во моментов е меѓу најдобрите 10 активни играчи од Македонија.
Од минатогодишното интервју за „Дерби“ до сега, веќе му се исполни и желбата која ја наведе, па веќе заигра и во сениорскиот тим на Алкалоид и на минатогодишното 28. екипно првенство ја освои првата ваква титула.
ДЕРБИ: Ти недостига ли турнирскиот шах, имајќи предвид дека последните настапи кај нас ти беа во декември на турнирот „Скопје Опен“?
– Да, секако дека ми недостига, иако за волја на вистината играв и во јануари во Италија. Во меѓувреме учествував на неколку интернет турнири, како кај нас, така и на првиот интернет турнир во организација на Европската шаховска унија. Секоја пофалба за иницијативата и организацијата, но тоа не е истата атмосфера. Јас забележав дека не можам да го следам говорот на телото на противникот, понекогаш ми опаѓа концентрацијата што не е случај на турнирите, а сето тоа е дополнително обременето со сомнежите за евентуалните изманици кои користат недозволена помош и многу е потешко да се контролираат.
ДЕРБИ: Честитки за ратификуваната титула како Интернационален мајстор, како гледаш на иднината во овој момент, продолжуваш ли по велемајсторска норма?
– Ви благодарам на искрените честитки. Највисок рејтинг имав 2.420 во зимскиот период кога ги играв последните турнири, но иако имав негативен скор, имав квалитетни партии и би рекол дека повеќе уживав во нив, отколку во интернет турнирите. Поради ситуацијата со коронавирусот се уште не знаеме кога точно ќе можеме да продолжиме со турнирите, но верувам дека меѓу првите настапи повторно ќе ми биде оној за сениорскиот тим на Алкалоид на државното екипно првенство. Не би се оптоварувал во момометов со мисли за велемајсторската норма, но секако со поддршка на клубот ќе атакувам на нејзино освојување во иднина.
ДЕРБИ: Веќе ти се исполни онаа желба од ланското интервју за настап во сениорскиот тим, која ти е следна на листата?
– Листата се проширува, во меѓувреме се запишав и на Економски факултет! Титулата државен шампион во поединечна конкуренција станува полека моја нова цел, но во моментов сум реален дека ја немам потребната јачина за такво нешто. Секој настап на Затвореното државно првенство е шанса и често решава моменталната инспирација и форма. Тие се огромен фактор и поради тоа има изненадувања, се случуваат неочекувани победи од играчи кои не биле фаворити. Воедно, Затвореното државно првенство го сметам како најмеродавен фактор каде што се одмеруваат силите на најдобрите играчи во земјава, поради што морам да кажам дека ми е жал што ланското не се одигра во полн состав. Се надевам дека оваа година ќе биде она што треба да биде, респектабилен турнир и вистински мегдан на кој што ќе се круниса државен првак, титула која им носи чест на шахистите кои самопрегорно работат во текот на годината.
ДЕРБИ: Оваа година се чини ќе нема репрезентативни обврски, што е уште еден минус за сите вас кои се уште се развивате како шахисти?
– Шаховската олимпијада во Русија е поместена за догодина. Карантинот мислам дека ни влијаеше на сите, не само на мене, па некако сме помрзеливи за работа. Во недостаток на настапи, излегуваме од колосек, па верувам дека со враќањето на турнирите и по одигрувањето на само неколку партии, ќе се вратам во форма. Напредокот се постигнува со макотрпна работа која е неопходна, но секако и со играње на силни меѓународни турнири и првенства, каде што треба да се покаже тоа знаење. Сепак, верувам дека прво треба да стекнам повисок квалитет во мојата игра, а другото ќе си дојде само по себе, но главно оваа година ќе настапуваме најмногу на домашни турнири, доколку има услови за нив.
ДЕРБИ: Што мислиш за безбедносните протоколи за игра на турнирите донесени од ЕКУ, како што е на пример сугестијата за играње со маски?
– Да бидам искрен, не ги прочитав се уште овие протоколи, но искрено верувам дека се препорачани до организаторите со најдобра намера. Доколку се инсистира на задолжително користење на маските мислам дека би се отежнала играта. На пример, имав искуство на факултет каде што полагав испити со задолжително носење на маска во времетраење од 45 минути, а на шаховска партија тоа значи и пет, а понекогаш и шест часа! Да бидам искрен, едвај чекам да заврши целата оваа ситуација и работите да се одвиваат по старо, како за турнирите, така и за секојдневниот живот.
-
Англија19 часа
Фудбалер на Јунајтед со нова разочарувачка вест: Боли што мора да го напишам ова…
-
Евролига23 часа
Белград ќе чека нова шанса, Ф4 турнирот во Евролигата првпат ќе биде организиран надвор од Европа
-
Светски првенства22 часа
ФИФА ги одреди шеширите за ждрепката за Светското клупско првенство
-
АТП20 часа
Мајката на Циципас: Ѓоковиќ е Босанец, но избрал да биде Србин
-
Шпанија20 часа
Барселона со „петка“ ја прекина лошата серија, фановите воодушевени од асистенцијата на Јамал (Видео)
-
Германија19 часа
Нојер го доби првиот црвен картон во кариерата на Куп дербито со Баер (Видео)
-
Англија24 часа
Мареска: Челси ќе доминира во Англија наредната деценија
-
Македонија22 часа
Омерагиќ ќе биде единствен кандидат за претседателското место во ФФМ