Поврзете се со нас

Шах

ИМ Никола Николовски: Доволно подготвен за титулата „Велемајстор“!

Објавено

на

По неодамнештото интервју за „Дерби“ на најмладиот македонски Интернационален мајстор, Тони Лазов, овој пат соговорник во шаховската рубрика ни беше уште еден перспективен играч од младата гарда, ИМ Никола Николовски.

Иако заедно со Лазов веќе дебитираа во репрезентацијата пред неколку години, Николовски веќе има неколку триумфи на турнири, при што победи и на последниот „Скопје Опен“ во 2019 година, а претходно во 2017 година беше најдобар наш шахист на Опен Македонија што се сметаше за неофицијална титула кога не се организираше Затвореното првенство (меѓу 2012 и 2018 година). Сепак, во неговата богата колекција недостига најзначајниот пехар од државните шампионати, како сениорски првак на Македонија, а воедно продолжува со сопственото издигнување, настојувајќи час поскоро да дојде до потребните велемајсторски норми кои му „избегаа“ на последните турнири во Италија.

ДЕРБИ: Како влијае ситуацијата со појавата на Ковид-19 во твојот случај? Продолжуваш ли со часовите со Вјечеслав Тиличеев и се подготвуваш ли за нови турнири, по освојувањето на последниот „Скопје Опен“?
– Состојбата со Ковид-19 беше ненадејна и ги промени сите нормални активности во сите сфери, не само во шаховската. Продолжувам со тренинг, понекогаш заедно вежбаме со Тиличеев, се припремам за престојните турнири кои следат после стивнување на актуелната ситуација со вирусот. Од друга страна, бидејќи сум студент на Балканскиот Универзитет, добив повеќе можност да ги одработам обврските кон студиите, па мислам дека оваа принудна пауза ја поминав конструктивно.

ДЕРБИ: Имаше настапи во јануари во Италија заедно со Лазов, дали си задоволен како помина?
– Турнирите беа со силни играчи, првиот беше над 2000 рејтинг каде што завршив шести од 43 натпреварувачи. На вториот турнир за играчи над 2200 рејтинг, завршив 11 место од 45 натпреварувачи. На двата турнира бев блиску до освојување на мојата втора велемајсторска норма, но за жал не успеав во тоа. Сепак сум задоволен од мојата игра и мојот пласман на турнирите, како и од освоените 12 рејтинг поени.

ДЕРБИ: Периодов беше активен и на Интернет турнирите, еден таканаречен блиц во Македонија, и еден европски во орагнизација на ЕКУ?
– Да, ги играв. Без разлика на резултатот, сепак е различно да се играат официјални турнири преку интернет и во живо. Многу фактори недостигаат преку интернет за да се има тоа вистинско искуство на играње што се добива на табла каде што седи човек отспротива. На македонскиот интернет турнир во брзопотезен шах завршив 3то место, делејќи второ од 128 учесници со освоени 11,5 поени од 15 партии. Беше интересен турнир, задоволен сум од резултатот и од прикажаната игра. На Европското првенство во забрзан шах преку интернет за играчи над 2300 рејтинг, кое се играше во 2 дена, на првиот ден завршив на 128 место од околу 500 учесници, додека на вториот ден завршив на 156 место. Генерално сум задоволен од резултатот, но сметам дека може подобро.

ДЕРБИ: Оваа година поради откажувањето на Олимпијадата во Русија веројатно ќе немате репрезентативни обврски, што е уште еден минус за сите вас кои се уште се развивате како шахисти? Во мај требаше да се игра Затвореното државно првенство, се надеваш ли дека ќе биде организирано оваа година?
– Се надевам дека кога-тогаш ќе се создадат услови и ќе се организира Затвореното државно првенство, бидејќи сепак со тоа се одлучува кој е шампион на Македонија. Затвореното првенство е многу посилен и пореспектиран турнир. Што се однесува до Олимпијадата, таа беше откажана, но сепак би требало да се одржи во 2021 година. Истовремено, беа откажани и многу други турнири и немаше каде да се натпреваруваат играчите. Сепак, се обидов да гледам позитивно на карантинот и да го искористам времето за вежбање шах. Според тоа се надевам дека кога ќе почнат турнирите, ќе бидам доволно подготвен за да ја освојам и титулата „Велемајстор“.

ДЕРБИ: Што мислиш за безбедносните протоколи за игра на турнирите донесени од ЕКУ, како што е на пример сугестијата за играње со маски?
– И покрај мојата огромна желба да биден организиран турнир со кој било број на учесници, сметам дека во Македонија ризикот е се уште голем. Протоколите се во ред и треба да се почитуваат при организација на турнири. Сепак заштитната опрема што би ја носеле, како на пример маската, може да ни пречи при размислувањето, бидејки сепак подолг период со маска не е удобно. Иако треба удобност при играње за да може да се ужива во партијата, како и за најдобар перформанс, сметам дека овие мерки се оправдани за да се заштитиме себе си и другите играчи во салата.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни