Поврзете се со нас

Македонија

Вардар го издржа завршниот налет на Пелистер и го одбрани Куп трофејот

Објавено

на

Вардар по се изгледа ја загуби шампионската титула во домашното првенство со поразот кој го претрпе во Битола, но денеска не дозволи „двојна круна“ за Еурофарм Пелистер и победи во финалето во Купот.

Завршницата на Куп натпреварување се играше во Охрид во салата „Билјанини извори“, каде вардарци сега имаа повеќе нерви и концентрација и успеаја да остварат минимална победа, доволна за нов Куп трофеј.

Вардар славеше со 26:25 и го одбрани трофејот во второто најважно натпреварување во нашата земја, триумф кој дефинитивно го заслужи со оглед на тоа што постојано го контролираше водството, иако на крајот дозволи неизвесност во последните секунди.

„Црвено-црните“ долго одржаваа плус четири во првиот дел и заминаа на пауза со 16:12, но Пелистер одби да се предаде и во неколку наврати дојде на само минус еден во второто полувреме.

Битолчани најблиску беа на седум минути пред крајот кога намалија на 24:23, но тогаш Талески погоди за плус два, а потоа Борко со фантастична интервенција спречи погодок на Ојлески.

Вардар во следниот напад погоди уште еднаш за плус три, а Јовиќ го искористи последниот тајм-аут и се погрижи за неизвесна завршница со два гола во мрежата на вардарци. Пелистер се избори за последен напад, но доби само „слободен удар“, а откако Атанасијевиќ беше неуспешен, стана јасно дека Куп трофејот го освојува Вардар.

Моралес и Дутра беа најдобри во победничкиот тим со по седум гола, Талески исто така беше извонреден со шест, додека Хосни и Суси се истакнаа во поразениот тим со пет погодоци.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни