Поврзете се со нас

Шпанија

Многу емоции и солзи на прошталниот прес на Суарез: Си оди човек кој има многу чувства (Видео)

Објавено

на

Како што беше најавено, 30 минути по пладне Луис Суарез се појави во прес-центарот на „Камп Ноу“, со цел да го одработи своето проштално обраќање како играч и легенда на Барселона.

Уругваецот беше премногу емотивен од самиот старт и едвај го започна својот говор откако претходно претседателот Бартомеу нагласи дека Барселона секогаш ќе биде негов дом бидејќи е трет најдобар голгетер во историјата на клубот, па за време на обраќањето, доста често мораше да прекине поради солзите кои беа посилни од него.

– Ова е многу тешко за мене, сакам да им се заблагодарам на сите. Сето ова е непредвидено за мене, немам ништо подготвено за овој говор. Сакам да му се заблагодарам на клубот што веруваше во мене после големата грешка која ја направив на мундијалот во 2014-та година. Не е лесно да се прифати тоа, а тие ме третираа феноменално уште од првиот ден.

– Дојдов да исполнам еден сон, да играм во најдобриот клуб во светот, горд сум на сето она што го направив, добив големи пријатели, поминаа многу години и тоа ме прави среќен. Не си оди само играч, си оди човек кој има чувства, – порача Суарез кој беше видно потресен во тој момент.

– Моето семејство ми помогна во добро и во лошо, тие најдобро знаат колку страдав на почетокот. На крајот, ќе го паметам само доброто од оваа етапа, моите деца ме гледаа како постигнувам голови, покрај најдобриот играч во историјата на фудбалот. Многу им благодарам на фановите за цела љубов и почитта која ми ја укажуваа. Сите фанови на Барселона нека знаат дека во мене добиваат еден каталонец плус за секогаш, – заврши Суарез пред да почнат прашањата од новинарите.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни