Поврзете се со нас

Репрезентација

Коментар: Следните пет години се клучни за иднината на македонскиот ракомет!

Објавено

на

Иако настапите на македонската репрезентација се уште траат со настапот во таканаречениот „Президент Куп“ (разигрување за пласман од 25 до 32 место), јавноста и медиумите ја вртат „старата плоча“. Традиционално, по секој настап на наште национални селекции се развива дебата за тоа колку некој бил добар, кој знае, кој не знае, а кој треба да си оди…

„Независниот мониторинг“ треба да помогне да се детектираат слабите точки, да се погледнат нештата со други очи. Кога се зборува со факти и аргументи, може да се надеваме дека таквата артикулирана дискуија ќе вроди плод. Се друго е „дневна доза фолклор“, или подиректно кажано – „чаршиски муабети“. Спортот во целост нема да го „оправиме“ со кафе-муабети, трач партии или досетливи јадачки.

Кои факти можеме да ги издвоиме од годинешниов настап?

Репрезентацијата доживеа три порази во групната фаза. Одбраната (во тие три средби) прими од 34 до 39 гола по натпревар. Нападот даваше 24 до 27 голови.

Простор за подобрување има, особено во одбраната. На пример, во натпреварот со Аргентина, нашите репрезентативци во првиот дел речиси да не направија фаул. Ниту едно исклучување. Во ред, не е поента да ги тепаме ривалите, но споредбено гледано, ракометот е далеку погруб спорт наспроти кошарката (каде што секој „допир“ се санкционира), и дека цврстата одбрана е темел на играта. Ни нападот не ни е перфектен, но кога би поправиле само еден елемент (подарени топки), призорот веднаш би бил многу подобар.

Со Норвешка последен пат сме играле на СП во Франција, во 2017 година. Тогаш под водство на Червар загубивме со 34:24, иако ние се имавме квалификувано за тој турнир, а Норвешка играше со „вајлд-карта“ и стигна до финалето. Овој пат ждрепката ни ја „даде“ Холандија, која исто така игра со „вајлд карта“ на ова светско, и тоа им е прво појавување од 1961 година. Патем, „лалињата“ со Норвешка играа 27:26 и ја победија Аргентина со 29:19. На претходниот „мундијал“ во Египет ни падна Чиле, па отидовме во втората фаза, а сега имавме за нијанса понезгодна ждрепка со репрезентации кои во моментов имаат подобар тим.

Навистина, поразите болат. Но, дали заборавивме дека во Минхен 2019 година со Раул Гонзалес на клупата загубивме од Шпанија со 32:21 и од Хрватска со 31:22? Да, има грешки во играта и треба да се „испеглаат“, треба да се има селекција која ќе биде најрепрезентативна. Кој и да игра во репрезентацијата мора да покаже дека го заслужува националниот дрес. Во последните осум години на кормилото на репрезентацијата се сменија Обрван, Червар, Гонзалес, Брестовац и Лазаров. Никој од нив не успеа да направи резултат преку ноќ, а имаше репрезентација што се градеше со години. Секој од нив „засукал ракави“, но реално позицијата на Лазаров е најзафркната од сите претходни, бидејќи располага со млади играчи кои допрва „го печат занаетот“.

Обрван ги селектираше Жарко Пешевски и Филип Кузмановски во 2016 година, а Червар во 2017 година на „светско“ ги понесе Филип Талески, Марко Нелоски, Стефан Дрогришки и Мартин Поповски. Раул Гонзалес ги задржа Кузмановски, Талески и Поповски, а дополнително му даде шанса и на Мартин Велковски во 2018, за во 2019 да ги повика Мартин Серафимов, Марио Танкоски и Горан Крстевски. Во визиите на Данило Брестовац за СП 2020 во Египет, репрезентацијата беше проширена со Цветан Кузманоски, Дарко Георгиевски, Михајло Младеновиќ, Марко Мишевски, Дарко Димитриоски и Ненад Костески. За европското во 2021 година, Лазаров ги вклучи и Бојан Маџовски, Игор Ѓоргиев и Костадин Петров, а на списокот имаше беа и Кристијан Симоновски и Марко Митев.

В0 2023 година имаме ситуација каде што освен голманот Никола Митревски и крилата Дејан Манасков и Гоце Георгиевски, како и пикерите Никола Марковски и Жарко Пешевски, сите други се „нови“ во однос на Катар 2015 година. Токму тие „новајлии“ се дел од генерацијата што освои шесто место на светското младинско во 2017 година под водство на Илија Темелковски. Од таа „алжирска“ генерација недостигаат Нелоски (веќе пензиониран!), Јагуриновски и Шилегов, додека во селекцијата на Лазаров од досега видените подмладувања немаше место за Мартин Поповски, Стефан Дрогришки, Мартин Велковски, Дарко Георгиевски, Марко Мишевски, Бојан Маџовски и Дарко Димитриоски, но затоа беше вклучен Јагуриновски и уште неколку нови имиња: Петар и Павле Атанасијевиќ, Александар Петковски, Иван Џонов, Едвин Омерагиќ, Марко Стојковиќ и Давид Савревски.

Доаѓаме до заклучок дека селекцијата на Лазаров се разликува од селекцијата на неговите претходници во дел од младинците дебитанти, додека некои две третини претходно веќе се позиционирале како идни репрезентативци. Ова е таксативно набројување без да се навлага во причините за тие промени, бидејќи не сакам да бидам сфатен како „адвокат“ на селекторот и да барам причини: дали некој играч се уште тренира и настапува на врвно ниво, или пак можеби има здравствени потешкотии и се наоѓа во фаза на рехабилитација. Со други зборови, не можам да заклучам дека недостига некој клучен играч, а самиот селектор има дискреционо право да повикува играчи во кои што има доверба, а и да ги менува или ротира согласно потребите.

По хуманитарниот натпревар „Сите ѕвезди“, впечаток ми остави изјавата на Наумче Мојсовски: „Да не заборавиме дека најголемите успеси Македонија ги постигна кога Кире и Наумче имаа повеќе од 30 години“! Обајцата се родени во 1980 година, а петтото место на ЕП им се случи во 2012 година. Ако кажеме дека „столбови“ на новата генерација се Талески и Кузмановски, треба да имаме предвид дека обајцата се родени 1996 година, односно имаат по 26-27 години и најдоброто од нив (како лидери) веројатно се уште не сме го виделе! Тоа ме води до заклучокот дека следните пет години се клучни за иднината на овој спорт кој треба да го задржи високото ниво.

Ракометна Македонија блескаше некаде од 2009 (СП во Хрватска) па се до 2018 година (ЕП во Хрватска). Во годините со најдобри пласмани, на чело на репрезентацијата биле македонски селектори. Со исклучок на Лазаров, доминантниот дел од репрезентативците играа во домашните клубови, а во тие моменти „клуб – репрезентација“ беше Металург. Тој столб крахираше пред повеќе од пет години и некои се зачудени дека ни се одразува врз квалитетот на националниот тим?

Сега постои обид да им се овозможи минутажа на најдобрите македонски ракометари низ нов „клуб – репрезентација“, каде што ќе имаат шанса да стекнуваат искуство. Појавата на РК Алкалоид, но и на другите клубови кои им овозможуваат на младите ракометари да се истакнат е само почеток. Квалитетна супер-лига и интернационални клубски искуства ќе бидат следен чекор. Лично се радувам на ваквата можност, тоа е шанса што треба да се искористи за да извадиме нови генерации на играчи. Концептот е убаво замислен, треба да се реализира подеднакво добро.

Клубските политики кои се трубат во кулоарите одат во насока дека со појавата на клуб што е „близок“ до раководството ќе се наруши некаква неутралност. Вистината е дека ќе се наруши балансот на силите, каде што досега неприкосновените позиции ги имаа два клуба, а сега има трет кој не се залага за проширување на бројот на страниците, туку напротив за давање шанса на македонските играчи. И досега имало пракса успешен раководотел на клуб да стане претседател на РФМ, а примери има повеќе – и со клубови од машкиот, но и од женскиот ракомет! Време е тесно-клубските интереси да се стават на страна и да се согледаат националните интереси.

Пред една година, по тогаш завршеното европско првенство, напишав дека Лазаров е вистинскиот човек за одлуки без сентименталност. И уште стојам на таа теза дека Киро има капацитет да ги увиди сите слаби страни. Ниту е слабовиден, ниту заборавил како се победува во ракомет. Играта на македонската репрезентација е негова визија за тоа како треба да игра оваа селекција, со овие играчи. Таа визија ќе трпи промени и на долг рок ќе се избистри она што е најдобро. Да, точно е дека нема гаранции дека секој добар играч ќе стане и добар тренер, но сите надворешни коментатори од типот на Веселин Вујовиќ ја согледаа реалноста и укажаа дека би било грешка повторно да се менува тренерот. Впрочем, на Лино Червар (кој беше осум години во Скопје), му требаа пет и повеќе години за од Металург да направи сериозен клуб. Лазаров не е волшебник, но учел од најдобрите.

Од овие порази не се проблем сам по себе, но ќе бидат проблем ако не се извлечат поуки и не се искористат на конструктивен начин за подобрување на играта. Селекцијата како што појаснив погоре, не ја сметам за нималку спорна, а очекувам Лазаров да созрева натаму како тренер и поинаков лидер од оној што го знаевме до сега. Проектот „РК Алкалоид“ ветува иднина за македонскиот ракомет, бидејќи заедно со другите клубови кои го имаат истиот концепт, ја истиснуваат празнината што настана „згаснувањето“ на Металург како „клуб-репрезентација“. Нови играчи нема да се формираат ако се купуваат странци или ако нашите играчи седат на клупа, додека странските се развиваат низ квалитетни натпревари. Резултатски, освестувањето за сериозноста на ситуацијата доаѓа правовремено, но нема аргументи дека концептот е погрешен. Ако во младоста овие ракометари стигнале до шесто место на светско, потребно е да им се даде повеќе доверба и вистинска поддршка за да продолжат по патот на успехот. Тоа е најдобрата алтернатива, придружена со квалитетна дополнителна селекција и надградба во квалитетен систем.

Александар Табаковски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни