Поврзете се со нас

Европски првенства

Коментар: Лазаров е вистинскиот човек за одлуки без сентименталност

Објавено

на

Европското првенство во ракомет на целата македонска јавност со години наназад и ја разубавува зимата, дури би рекол и дека се навикнавме како публика да бидеме „размазени“ со нивните успеси, на кои забораваме кога ги критикуваме денешните резултати.

Ја „испративме“ Шведска со трофејот, сума сумарум и со новиот систем првите пет репрезентации се оние кои беа фаворити пред почетокот. Немаше промени во распоредот на силите, Шпанија повторно играше финале, Данска и Франција само до полуфинале, колку и да беше чудно целото првенство, крајот беше некако очекуван. Велесилите останаа велесили.

За Македонија првенството „заврши“ уште првиот ден, бидејќи знавме колку ќе биде тешко ако загубиме од Словенија. Лесно е да се критикува, тешко се стигнува до резултати.

Не сакав да го напишам овој коментар прерано, додека натпреварите се уште се играа, сметав дека треба да се остави простор за да слегнат впечатоците и да можеме трезвено да дебатираме, без навивачка еуфорија. Да се разбереме, простор за критика секогаш треба да има, но тоа треба да биде конструктивно, со чиста мисла и добра намера. Никој не заборавил да игра ракомет преку ноќ, а најмалку овие легенди кои повеќе од една декада се заедно секоја зима, во нов поход.

Што друго да се каже и анализира кога сите знаат дека смената на генерациите е голем проблем? Во отсуство на Кире, импонираше лавовското залагање на неговите соборци како Стоилов и Миркуловски, тоа мора да биде поздравено. Треба да се признае дека имаше поединечни добри настапи и од помладите, рака на срце Цветан Кузмановски одлично се снајде и можеби за нијанса делуваше позрело и похрабро од Мартин Томовски. Треба да се признае дека се испробуваа различни нешта, се играше и „7-6“ во нападот, се браневме и со „6-0“ и со „5-1“, едноставно делувавме подготвени. Да бидам целосно искрен, по првиот меч бев „љубоморен“ на Врањеш дека имаше готови „нарачки“ за неговите играчи, кои успеваа да му ги реализираат (според виденото и чуеното за време на „тајм-аутот“, но ете ни тие понатаму не се прославија. Затоа и се согласувам со првичното барање на селекторот дека среде хаосот не треба да се губи главата и треба да се остане фокусиран.

Меѓутоа, имавме падови и грешки, особено после Словенија. И тоа е дел од спортот. Анализата на стручните лица треба да покаже дали се тоа истите лица од Египет, зошто повторно се случуваат лесни и непромислени грешки, зошто советувањата не вродија со плод една година подоцна?

Не! Не сакам да кажам дека ги изедначувам настапите на светското и европското, пред се во Египет заминавме како „џокер“, а во Унгарија ја имавме оверено визата со победа над Данска. Не сакам да зборувам за „рехабилитација“ на Брестовац, но ако анализата покаже дека на некои играчи им се случуваат истите грешки, дека за жал попуштиле под притисокот и покрај најдобрите намери, тогаш клучно е да се подобри селектирањето со уште нови имиња. Дали имаме „некои нови клинци“ кои чекаат на своите пет минути шанса, за да не зборуваме постојано дека противниците имаат „долга клупа“?

Не е лесно да си во кожата на Лазаров сега, но ако постои човек кој може да донесе одлука без сентименталност, а во интерес на репрезентацијата, тогаш тој е вистинскиот човек.

Радува фактот дека на македонската ракометна сцена дуваат „нови ветришта“ и дека има се повеќе клубови во кои нашите играчи добиваат минутажа. Најавените промени во системот на натпревари за идната сезона е уште еден чекор што требда да оди во прилог на новите генерации македонски играчи, заедно со намалувањето на бројот на странците. Верувам дека таа „свежина“ може да биде лекот што сите го посакуваме. Федерацијата очигледно ја дава својата поддршка на националните интереси, постои спрега, постои „momentum“, постои желба, постои публика. Повеќе пати е напишано дека сме на добар пат, но никој не тврди дека е тој лесен. Стручниот штаб на селекторот мора да помогне со идентификација на уште повеќе потенцијални репрезентативци, како и со нивна надградба, едукација и подготовка.

Александар Табаковски

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни