Поврзете се со нас

Шах

„Дерби“ дознава: ШК Прилеп не го прифаќа предложениот датум за екипно првенство!

Објавено

на

Во текот на вчерашниот ден „Дерби“ објави свој коментар за предложеното рестартирање на шаховските активности во Македонија, кои беа пренесени од угледната „Нова Македонија“ во форма на изјава од членот на УО, Зоран Стојчевски.

Наспроти препораките на Европската шаховска унија, која советуваше националните федерации да започнат со турнири по Бергер систем и со мал број на учесници, скандалозниот предлог говореше за тоа прв турнир да биде Младинското првенство на Македонија (на кое лани имаше речиси 100 деца), а потоа да се одиграат квалификациите од Втората лига со 12 екипи (каде што се игра на 6 табли, а дозволени се 8 играчи по тим), со што бројката повторно доаѓа до 100 учесници, без судиите и другите официјални лица! За мерките на безбедност, ниту збор! По сето ова, предлогот сугерираше дека државното екипно првенство би се играло на крајот од август.

Денеска дознавме дека освен коментарот на „Дерби“, до Управниот одбор на Шаховската федерација имало и реакција од ШК Прилеп. Во него се укажува на уште еден момент, со кој всушност може да се согледа колку необмислен бил дотичниот предлог, бидејќи во повеќе македонски клубови има пријавени странски играчи кои доаѓаат токму од Србија. Конкретно, на минатогодишното 28. екипно првенство на Македонија, имало 4 играчи од Србија, од кои двајцата најсилни ВМ Мирослав Миљковиќ и ИМ Борољуб Златановиќ играа на првите две табли за ШК Прилеп.

Неофицијално дознаваме дека поддршка на оваа реакција имало и од ГШК Куманово.

Ова е уште еден доказ дека не се размислува долгорочно и не се разговара за визии како нештата да се постават на своите природни места, туку се бараат ад-хок решенија. „Дерби“ укажа дека има сознанија дека младинските првенства во регионот се организираат во периодот зима – рана пролет, со цел државните шампиони кои ќе изборат место на Европското младинско првенство да имаат време да се подготват солидно за својот настап. Наспроти ова, предлогот до УО на ШФМ гласи оваа година Младинското првенство на Македонија да биде организирано во екот на годишните одмори, со што директно им се кршат плановите на сите семејства за заеднички, фамилијарен годишен одмор!

Дополнително, кога ги сподели протоколите за враќање на шаховските активности, во Е-мазинот на Европската шаховска унија (страна 14) децидно се вели дека е можно да нема Европско младинско првенство оваа година, каде што можеби е потребно учество на 1.000 млади лица:

– Се предвидува дека ќе биде тешко да се организираат интернационални младински турнири во 2020 година, но постои можноста да се одржат професионалните настани како што се Европското поединечно првенство за мажи и жени, во последните три месеци од оваа година.

Оттука, повеќе од јасно е дека младинското првенство во услови на пандемијата со Ковид 19, каде што најголем број од учесниците се деца кои се зависни од родителска грижа (бидејќи се играат категории до 8, 10, 12, 14, 16 и 18 години) – воопшто не е приоритет, за на нив да се тестираат организациските способности. Да не говориме за тоа дека предлогот до УО е упатен додека е актуелна вонредната состојба и се уште нема јавно достапни препораки од Владата и од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.

„Дерби“ и вчера упати повик за изјави од сите засегнати и споменати страни, па во оваа прилика нагласуваме дека ниту една од споменатите страни не достави до нас контра изјава, демант или објаснување за она што единствено можеме да го наречеме скандалозен предог, во кој не се земени предвид препораките на ЕКУ, ниту се спомнати неорганизираните Затворени првенства на Македонија во машка и женска конкуренција, каде што треба да бидат прогласени државни прваци меѓу сениорите. На крајот, се наметнува и прашањето: како федерацијата планира да ги мотивира младинците да играат шах, ако така безгрижно се однесува кон сениорскиот шампионат? Зошто би продолжиле младите да инвестираат средства и време, ако утре немаат државно сениорско првенство, каде што федерацијата треба да се „фати за џеб“ и да обезбеди награди, наспроти младинските шампионати каде што се доделуваат само медали?

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни