Поврзете се со нас

Шах

Коментар: Спротивно на препораките на ЕКУ, најбројните турнири први на програмата на ШФМ?

Објавено

на

„Дерби“ на 08 јуни ја објави статијата во која се пренесуваат препораките на ЕКУ за рестартирање на шаховските активности над таблата со фигури (стр. 14 од Е-магазинот на ЕКУ за мај 2020 година). Со таквата иницијатива Европската шаховска унија сака да стави пауза на активностите поврзани со интернет шахот, бидејќи последен официјален турнир (кој беше прекинат) е оној меѓу кандидатите за предизвикувач на светскиот трон, кој започна во Екатеринбург на 15 март, а беше прекинат на половина од предвиденото.

Претходно, по повод успешниот интернет турнир на кој триумфираше ВМ Кирил Георгиев, претседателот на ШФМ, Благоја Богоевски изјави за „Дерби“ дека доколку условите дозволат, шаховските активности ќе продолжат на 3 јули со организација на квалификациите од Втората лига. Бидејќи на истите се пријавени рекордни 12 клуба, а натпреварите се играат на 6 табли, тоа значи најмалку 72 играчи (без резервните), како и без броење на останатите службени лица (судии, капитени на екипи).

Ова е спротивно на препораките на ЕКУ кои велат дека националните федерации би требало да започнат со организација на помалку бројните турнири. Во официјалниот календар на ШФМ, таканареченото Затворено првенство на Македонија кое се игра по бергеров систем, беше предвидено во мај оваа година, заедно со поединечното првенство за жени.

Во објавениот текст од страна на угледната „Нова Македонија“ се пренесува изјава на членот на УО, Зоран Стојчевски, како предлагач на нови датуми во календарот на ШФМ, кои ги фаворизираат бројните турнири наспроти оние со помал број на играчи. Ова е сериозно прашање кое не е аргументирано со ништо, а најмалку со изјава за почитување на протоколите за безбедност објавени од ЕКУ. Освен што предлагачот бара од ШФМ нови датуми за екипните првенства, оние поединечните не ги ни споменува!

Дополнително, понудените датуми (за кои се вели дека не се усвоени) се во екот на летните годишни одмори, за кои секој човек и семејство има свои планови. Во објавениот текст се вели дека Втората лига би се играла од 24 до 27 јули, а Младинското првенство (без локација) од 18 до 24 јули! Лично го наоѓам за тотално скандалозен предлогот Младинското поединечно првенство (лани со учество на 100 деца) да биде прв турнир, зарем на најмладите ќе се испробувате?! Кому му оди во прилог ваквото генерирање на проблеми онаму каде што ги нема?

Во отсуство на каков било елаборат, во кој лесно може да се согледа дека во соседните земји младинските првенства се играат во период зима/пролет, за потоа победниците да можат да работат на свое усовршување заради настап на Европско младинско првенство, во Македонија додека се бележат рекордните случаи на новозаразени од коронавирус, ќе се организира Младинско првенство спротивно на препораките на ЕКУ! Дополнително, во јавниот документ на ЕКУ се вели дека може да се претпостави дека оваа година можно е да не се организира Младинското европско првенство!

Дополнително, дополнителна тенденциозност е скриена во необјавувањето на локацијата и начинот на одигрување на овој шампионат. Досега, сите вакви првенства (на задоволство на ангажираните судии) се одигруваа во респектабилни хотели на езерските ривиери за кои родителите на децата треба да платат и трошоци за сместување! Ако порано тоа беше вон сезона, предлогот од 18-24 јули не само што директно ги крши сечии семејни планови за годишен одмор, скриено навестува огромни трошоци за учество на турнир во шпиц од сезоната! Правото на годишен одмор спаѓа во основните права дефинирани и заштитени со Законот за работни односи (член 137). Во услови кога поради хаотичната ситуација што во општествата ја создаде пандемијата, многумина или веќе ги искористија годишните одмори или воопшто немаат можност да ги користат, сведоци сме на обид за закажување на државно првенство во екот на туристичката сезона. Кој ќе им објасни на дечињата кои цела година вредно тренирале шах дека нема да можат да играат на државното првенство бидејќи се поклопило со годишниот одмор на семејството?

Последно на тема околу младинското првенство, не не и помалку важно: децата (и оние кои престојуваат на турнир со родители и они кои се сами) таму се дружеа и надвор од зоната за игра. Дали Шаховската федерација на Македонија со прифаќање на ваквиот непромислен предлог од нивниот член на УО ќе гарантира и безбедност на децата надвор од зоната за игра? Дали шаховската федерација е свесна дека со јавната достапност на препораките на ЕКУ, секој учесник или родител на учесник – ќе може да поднесе тужба доколку мерките на претпазливост не се највисоко ниво?

Зошто не е направен обид да се намали бројот на учесници со поделба на децата, па така оние на возраст до 8, 10 и 12 години, кои се зависни од родителска нега да бидат посебно, а оние кои играат во катории на деца од 14, 16 или 18 години да бидат посебно? Зошто да се прави еден голем турнир ако може два (или повеќе) со помал ризик и помал број на учесници? Ионака судиите се димензионираат согласно бројот на играчите, според одредени стандарди! Зошто секогаш се организираат првенства покрај езеро, за родителите да стравуваат ако го пуштат детето само, или шаховските тренери треба да бидат дадилки? Што им фали на планинските локации на пример?

Согласно резултатите на претходното 28. екипно првенство на Македонија, каде што две екипи испаднаа (Карпош со два бода и МСК Центар со НУЛА), можеби е време да се размислува за промена на форматот на екипното првенство каде што очигледно или играат слаби играчи, или другите клубови имаат можност да си дозволат засилување со странски играчи. Чисто за споредба, во ракометот се игра Супер лига и Прва лига, а завршницата е со таканаречен турнир „Фајнал 4“ на кој што играат најдобрите.

Треба да се биде реален и да се согледа која е силата на македонскиот шах во моментов, по дводецениската голгота со блокирана сметка, и со кој фундус на играчи се располага. Можеби ако се анализира, ќе се види дека за титулата не треба да се борат повеќе од 4 екипи, иако во лигата можат да играат и повеќе, чисто за пример! На ранг листата на ФИДЕ за играчи од нашата федерација, меѓу 100 највисоко рејтингувани шахисти има 34 играчи со меѓународни титули (две се во женска конкуренција), а меѓу останатите речиси половината се со најниската титула – поточно има 15 ФИДЕ-мајстори. Со актуелен рејтинг од над 2300 ЕЛО има – само 18 играчи, доволно за едвај три екипи!

Каков заклучок е можен од сето изнесено? Како да се споредува една одлична мерка за субвенционирање на 50% од играчите за екипи од Втора лига, наспроти еден драконски предлог за вметнување на турнир како Младинско првенство во шпиц од летните одмори кога сите хотели се најскапи? Како да се оцени „удирањето на врата во нос“ на најдобрите македонски шахисти кои треба да играат на Затвореното поединечно првенство наспроти давањето предност на Втората лига? Оваа сезона првенствата беа прекинати во многу сериозни спортови како фудбал, кошарка, ракомет, се случија легитимни преседани со тоа што како претставници за настап на меѓународна сцена беа определени клубови со одлука во согласност со ингеренциите на федерацијата. Со ваквите предлози се нарушува угледот на федерацијата бидејќи на површина излегуваат недоволно обмислени предлози на членови на УО, кои немаат врска со препораките на ЕКУ.

На официјалната интернет страна на Шаховската федерација освен усвоениот календар за време на собранието на 24 февруари, ниту на нивната ФБ страница, нема никакво известување за јавноста по прашање на ваквите предлози. Страниците на „Дерби“ се отворени за нови изјави, како од претседателот Благоја Богоевски, така и од другите споменати, или засегнати од развојот на настаните во македонскиот шах.

Александар Табаковски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни