Поврзете се со нас

Шах

ЕКУ подготви протоколи за враќање на шаховските турнири

Објавено

на

Европската шаховска унија (ЕКУ) преку својот е-магазин (издание мај 2020 година) информираше за одржан форум на тема „Како да се рестартираат шаховските активности на табла“.

Со ова е ставен акцент на таканаречените ОТВ (Over the board) активности, наспроти интернет турнирите кои беа во полн замав низ цел свет за време на пандемијата од Ковид-19. ЕКУ информираше дека на состанокот со националните федерации преку платформата „Зум“ учествувале пет еминентни доктори, кои ги претставиле насоките што треба да се следат. Сугестијата од ЕКУ е дека најпрво тие треба да се применат за организација на национални настани, а потоа за турнири од интернационален карактер. Излагањата се достапни и преку видео клипови на каналот на ЕКУ на мрежата „YouTube“.

Главни наводи во сето ова се дека шаховските активности можат да бидат рестартирани, но само со аплицирање на специфични мерки и протоколи. Препораката е најпрво да се започне со турнири кои имаат помалку учесници, односно како пример се наведени турнирите кои се играат по Бергеров систем (секој со секого), наместо опен турнири со голем број учесници.

Предлогот на ЕКУ е самите учесници да потпишат декларација по прашање на потенцијалните симптоми. Просторот во салата за игра треба да биде зголемен по глава на игра и да има „најмалку 1,5 метри растојание меѓу двајца играчи“.

Салата за игра мора да биде редовно вентилирана или проветрувана, пред и по одржување на колото за игра. Не се препорачуваат активности ниту турнири во сали без вентилација!

Активностите надвор од затворен простор исто така се препорачани. Ако играта се одржува во сала, за секоја пауза учесниците мора да ги мијат рацете или да користат средство за дезинфекција. Пред почетокот и по одигрување на секое коло, потребно е да се направи дезинфекција на шаховските гарнитури, фигури и часовници!

Маските за лице се препорачани за сите играчи и судии, но не и ракавиците. Во салата за игра не смее да има други лица освен играчите и службените лица. По завршувањето на секоја партија, двајцата играчи мора да ја напуштат салата за игра! При секое станување на учесниците, дистанцата од 1,5 метри мора да биде запазена во текот на целото време.

ЕКУ во протоколот оценува дека тестирањата за Ковид-19 не се ниту практично, ниту издржано решение за шаховски настани на национално ниво, ниту пак за големи и масовни настани. Меѓу предвидувањата се и дека тешко ќе биде да се организираат масовни настани од типот на младинските европски и светски првенства, каде што бројот на учесници е околу 1.000 поради тоа што има шест категории, а во секоја од нив има повеќе учесници од секоја земја.

За разлика од ова, се предвидува дека во последните три месеци од 2020 година ќе има можност за одржување на професионални настани како што се европските првенства за сениори.

Инаку, за разлика од Македонија која ги откажа токму препорачаните мали турнири со Бергеров систем (Затворено првенство за мажи), како и најавеното државно првенство за жени, ЕКУ објави дека меѓу првите земји што веќе ги рестартирале шаховските активности се Исланд, Хрватска и Словенија.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни