Поврзете се со нас

Шах

Алкалоид и во ослабен состав го задржа тронот во македонскиот шах

Објавено

на

ШК Алкалоид триумфираше на 29. Екипно првенство на Македонија во шах кое од 15 до 21 август се одржа во Струга. Со овој триумф, ШК Алкалоид во последниве 10 години бил 9 пати шампион (во 2020 година првенството не се одржа), а вкупно ова е 18. титула за „фармацевтите“, кои се најуспешен македонски колектив во овој спорт.

Белег на овогодинешното првенство беше што актуелните бранители на тронот не донесоа некои од големите шаховски ѕвезди кои настапуваа за нив во минатото, како Шакријар Мамеѓаров, Василиј Иванчук, Дмитри Јаковенко или Павел Елјанов, па кон македонскиот ростер на тимот беа приклучени само неколку шахисти, кои и во минатото ги бранеле боите на клубот, како Дмитриј Андрејкин и Јуриј Криворучко, а ново име беше само српскиот велемајстор Александар Инѓиќ.

Исто така, годинава имаше и неколку други засилени екипи, па така во отсуство на БМ Кисела Вода, велемајсторот Кирил Георгиев играше на првата табла за Гамбит, како и Гостивар кој се засили со ИМ Дејан Стојановски и неколку хрватски велемајстори како Анте Сариќ, Анте Бркиќ и Ндерим Сарачи од Косово.

Во седумте одиграни кола Алкалоид имаше само еден изедначен резултат, со Гостивар, а славеше во останатите шест средби, односно освоија 13 од можни 14 бода. Второпласирани се шахистите на Гостивар кои имаат 11 поени колку и Гамбит, но имаат подобар скор на освоени поени во сите партии. Натаму следат ШК Прилеп со 8 бода, ГШК Куманово со 7 бода, Ан Пасан со 4 бода, додека Карпош и Центар освоија само еден поен во меѓусебниот изедначен дуел.

Ако на врвот немаше изненадувања, гледано поединечно победите на младите шахисти Андреј Велјановски над Кирил Георгиев и на Емил Ристески над Филип Панчевски претставуваат своевидна сензација, а еден од најмладите учесници, 14-годишниот Антон Златков, во 4 партии се избори за реми со противници кои имаат далеку повисок рејтинг.

Како поединци, од македонските играчи се истакнаа ИМ Дејан Стојановски кој на четвртата табла за Гостивар имаше 5,5 бода од 7 партии, како и 17-годишниот ФМ Емил Ристески, кој имаше ист скор на четвртата табла за Гамбит, но за нијанса послаб параметар на „перформанс“.

– Оваа година лигата за мене беше нешто поинтересна отколку во минатото, бидејќи имаше три силни екипи кои се издвоија на почетокот со победи, а ждрепката сакаше да се сретнат на крај меѓу себе и тоа му даде доза на неизвесност на турнирот. ШК Алкалоид оваа година акцентот го стави на плановите за настап на Европскиот клупски куп и да се бори за европската титула. За догодина, планираме подмладување на екипата,- изјави за „Дерби“ капитенот на ШК Алкалоид, велемајсторот Драган Јаќимовиќ.

Европскиот клупски куп, кој е своевидна „Лига на шампионите“ во светот на шахот, оваа година се одржува од 17 септември во Струга.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни