Поврзете се со нас

Свет

Гвардиола ги предизвика Флик и Баерн: Вие не сте први со шест титули, можам да му се јавам на Меси…. (Видео)

Објавено

на

Една година откако го презема потиштениот тим предводен од Нико Ковач, Ханси Флик уште еднаш со златни букви го испиша своето име во историјата на Баерн Минхен, бидејќи изминатата вечер стана првиот германски тренер кој освои шест титули едноподруго, или поточно, го израмни историското признание „секстет“ кое претходно го оствари Барселона.

Барса предводена од Пеп Гвардиола во 2009-та година стана единствениот тим кој ги освоил сите шест титули, а од вчера втор клуб стана и Баерн Минхен предводен од Флик, тим кој титулите во Бундеслигата, германскиот Куп, Лигата на шампионите, германскиот Суперкуп и европскиот Суперкуп ги надополни со трофејот на Светското клупско првенство откако во финалето го совлада Тигрес со 1:0.

Огромниот успех на Баерн дефинитивно имаше историско значење во германскиот фудбал и во светски рамки, па уште поинтересно беше тоа што баварците специјална честитка и порака добија од својот поранешен тренер Пеп Гвардиола, кој инаку е творец на тимот кој прв стигна до вакво достигнување во 2009-та година.

– Здраво до сите. Големи честитки до цело семејство на Баерн Минхен поради овој неверојатен успех, освоеното Светско клупско првенство, но посебно за шесте титули. Навистина сум многу горд на овој успех, им честитам на сите, а посебно на Ханси, на играчите, на останатите луѓе од стафот поради извонредниот успех.

– Но, исто така сакам да му порачам на Ханси дека вие сте вториот тим кој освојува шест титули по ред. Претходно имаше друг тим, тоа го направи Барселона, па јас можам да му се јавам на Меси и останатата компанија и да играме едни против други за седмата титула. Кажете ми кога и каде и се гледаме таму. Уште еднаш честитки до сите во Баерн. Миа Сан Миа, – порача Пеп кој со оваа порака испрати и уникатен предизвик.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни