Поврзете се со нас

Шах

Алкалоид ја освои втората победа, следува мегдан со најдобрите

Објавено

на

Во втората рунда од Светското екипно првенство, во категорија шахисти над 50 годишна возраст, што се игра во Струга, ШК Алкалоид ја забележа и втората победа, овој пат над селекцијата од Словачка.

Победата беше минимална со 2,5:1,5 но, македонскиот тим може само да жали што таа не е изразена со повисока предност.

ВМ Кирил Георгиев кој во минатото има одиграно четири сезони за најтрофејниот македонски клуб, сега повторно е член на „фармацевтите“ и во првиот настап оваа година за ШК Алкалоид се одлучи да игра Сицилијанска одбрана. Неговиот противник парираше само во првите десетина потези, за потоа знаењето на некогашниот светски младински шампион, во обострано остра позиција, да дојде до израз и да ја презема комплетната контрола врз играта во средишницата каде што со освоен квалитет и слободен пешак незапирливо маршираше кон победата.

Се навестуваше уште една победа на втора табла, каде што ВМ Влатко Богдановски беше осетно подобар. Партијата започна како Рети, но премина во Дамино-Индиска одбрана. Водејќи ги белите фигури Богдановски до 30. потег континуирано беше во предност, но пропушти да ја казни грешката на противникот која што ќе му донесеше уште поголема материјална предност. На крајот, иако со пешак повеќе во завршницата, не успеа да ја реализира предноста и партијата заврши со реми.

Слично и на третата табла, ВМ Звонко Станојоски имаше иницијатива, но при преодот во завршница не беше доволно внимателен. Иако нашиот шахист играше на победа, неговиот противник не направи грешка и се избори за нерешен исход.

Најизедначено беше на четвртата табла каде што ВМ Роландо Кутиров се соочи со Холандска одбрана од страна на својот противник и не успеа да создаде предност во обострана одлична игра во завршницата.

– Никогаш не беше опасно, иако победата можеше да биде поуверлива. Се покажа дека ВМ Кирил Георгиев ни е неопходен на првата табла за да можеме да играме на победа. Неговото присуство значи многу, искусен велемајстор на добар глас, дава сигурност на тимот, може да даде добар совет во клучен момент. Јас би го нарекол ведета, бидејќи во кариерата да имаш победа против шахисти како Каспаров, тоа е нешто во шаховскиот свет! Во третото коло играме со фаворитот, прворангираната екипа на САД и тоа ќе биде еден од најзначајните мечеви за нас на овој турнир,- рече ВМ Драган Јаќимовиќ, капитен на ШК Алкалоид.

– Прв пат играв на турнир за сениори на Светското индивидуално првенство во Романија во 2019 година, каде што го освоив петтото место. Добро се познаваме со играчите кои се на првите табли во другите екипи. Сѐ ќе зависи од концентрацијата за време на турнирот, за време на партиите. Алкалоид секогаш оди на победа, на медал, а и јас секогаш играм за силни тимови со кои верувам дека имаме шанса за успех на екипно ниво. За мене дури е попријатно да играм за екипа со високи амбиции. Со играчите кои се денес во Алкалоид имаме настапувано заедно во минатото како репрезентација на Македонија на Шаховските Олимпијади (деветто место во Словенија 2002 година) и на Европските првенства (во 2003 заедно со Недев освоивме медали на своите табли), со што сакам да укажам дека имаме убава атмосфера, која се надевам повторно ќе биде крунисана со нов успех,- изјави ВМ Кирил Георгиев.

Во вчерашното второ коло фаворитите имаа релативно лесна задача, но репрезентацијата на слепите и слабовидни шахисти на Македонија во дуелот со вториот тим на САД успеа да изигра нерешено 2:2 и да го освои првиот бод.

На врвот на табелата во категоријата на играчи над 50 години се издвоија пет екипи со по две победи (истите оние кои се на врвот според просечниот рејтинг на играчите) и бидејќи турнирот трае девет кола, извесно е дека сите тие во одреден момент ќе играат меѓу себе. Алкалоид во третото коло излегува на мегдан со првата екипа според рејтингот, САД, додека вториот дерби меч ќе се игра меѓу првиот тим на Англија и Италија.

Во категоријата на играчи над 65 години, македонските ветерани направија уште еден подвиг совладувајќи ја првата екипа на Австрија и се најдоа меѓу првите пет на табелата, по што денеска играат со германскиот тим Ласкер Шахштифунг.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни