Поврзете се со нас

Шах

Промовирана книга за Лазо Јанчев: Живот посветен на шахот

Објавено

на

По повод 85 години од раѓањето на Лазо Јанчев, беше промовирана книга која го опишува неговото животно патешествие, а воедно открива детали за неговото шаховско воздигнување, од ученик до мајсторски кандидат и подоцна судија, организатор на турнир и секретар на тогашниот Шаховски сојуз на Македонија.

Автор на книгата е Мичо Јанчев, а издавач е „Матица Македонска“.

– Неговиот живот од доаѓањето во Скопје кон почетокот на педесеттите, до неговото заминување (2.000 г.), нераскинливо е поврзан со најзначајните збиднувања во шаховската историја на Македонија. Верувам дека на овој начин, шахистите и љубителите на шахот, на скромен ама достоинствен начин, ќе се оддолжат за се она што Лазо го направи за развојот на оваа благородна игра во Македонија,- напиша авторот Мичо Јанчев во предговорот на книгата.

– Во почетокот беше замислено таа да биде некоја комбинација меѓу пригодна монографија и занимливи детали од неговиот живот. Меѓутоа, набргу сфатив дека ова е вистинска прилика низ книгата за Лазо Јанчев да биде даден своевиден пресек на развојот на шахот во Македонија во втората половина на 20 век,- пишува натаму во книгата самиот автор, кој има искажано благодарност до ФИДЕ мајсторот Љубомир Хаџи Манев за помошта при пронаоѓањето на разни податоци за реализацијата на ваквата замисла.

Освен ова, во книгата се вклучени и други интересни сегменти како анализа на четири најзначајни шаховски партии, изјави од современици на Лазо Јанчев кои и денеска играат шах или се тренери, како и легендите на спортското новинарство, Атанас Костовски и Зоран Михајлов.

Промоцијата на книгата се одржа во просториите на училиштето „Јахја Кемал“, а во просториите на ШК Алкалоид се одржа турнир насловен како „Средба на генерациите“.

– Тоа што сакав јас да го истакнам, беше неговата неверојатна „шаховска жичка“, односно „неполираниот“ шаховски талент кој го поседуваше. Лазо го играше шахот „од глава“, а го учеше „на нога“, стоејќи и гледајќи ги другите како играат. Една година откако ја научи шаховската нотација, стана првак на тогаш силниот шаховски клуб „Градител“,- напиша Мичо Јанчев за својот брат.

Ова е еден од ретките обиди да се потсети на заслужните личности од светот на македонскиот шах, кои ги има во поголем број, а имаат зад себе и сериозни постигнувања како играчи и организатори на светски манифестации.

– Се надевам дека ова е само почеток на еден нов однос кон нашето минато, длабоко убеден дека потсетувањето и на многу други заслужни, но заборавени шаховски великани, ќе ни стане составен дел од нашата култура,- посочува авторот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни