Поврзете се со нас

Репрезентација

Нов трилер со среќен крај: Македонија ја надигра Чешка и повторно ќе биде дел од светскиот ракометен крем!

Објавено

на

Македонската репрезентација одново ќе биде дел од ракометниот крем, односно од најсилните репрезентации во светот, бидејќи со вечерашната победа на „Борис Трајковски“ си обезбеди пласман на мундијалот кој ќе се игра наредната година. Чешка се покажа како цврст орев, но во френетична и драматична завршница, на крајот нашиот најсилен тим победи со 27:25 и ја оствари посакуваната цел.

Селекцијата одново имаше максимална поддршка од трибините и седум илјади грла беа ветер во грб на нашите ракометари, кои на крила на своите верни навивачи, играа полетно и со голема самодоверба. Со исклучок на почетокот кога губевме со 2:4, избраниците на Кирил Лазаров ја диктираа играта во првото полувреме и во добар дел водеа со плус три, а на полувреме заминавме со позитива од два гола (14:12).

На стартот на второто полувреме, македонските ракометари го разбранија извонрдениот Мрква, но спектакуларен на нашиот гол беше и Никола Митревски кој на колегата му одговори со брилијантни и клучни интервенции (вкупно 14).

Нашата најсилна селекција стигна до максимални плус четири и одржуваше сигурни три позитива на семафорот до 50-та минута од мечот, но во тензичната завршница, нашиот напад влезе во грч и им дозволи на Чесите да дојдат на минус еден. Гостите дојдоа во ситуација да напаѓаат за 25:25 на три минути пред крајот, но македонската одбрана тогаш профункционира онака како што требаше, а на спротивната страна по тајмаутот следеше гол од Талески за плус два.

Во следниот напад, Бабак брзо ја врати неизвесноста и во завршните 60 секунди се влезе со 26:25, па како клучен се покажа пеналот за кој се избори Јагуриноски по додавање на Миркуловски. Кузмановски ја презема одговорноста и со својот осми гол ја потврди победата, што ни носи осмо учество на Светските првенства.

На бараж финалето со Чешка, од националниот дрес се одјави фантастичниот Филип Миркуловски кој остави извонредно наследство и богатство во репрезентацијата, кое сега треба да биде негувано и продолжено од страна на младите сили кои полека доаѓаат до израз. Популарниот „Жути“ постигна два гола на денешниот меч, пред кој доби специјален дрес од претседателот Живко Мукаетов кој и му се поклони на легендарниот македонски ракометар.

Младиот погон денеска беше клучен во Скопје, бидејќи Кузмановски постигна осум гола, Талески шест, а Јагуриноски и Пешевски по три. Капитенот Кирил Лазаров како предовдник на клупата и теренот постигна два гола.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни