Поврзете се со нас

Македонија

Силекс со „сет“ голови го турна Вардар во опасната зона, Шкендија ја надигра Ренова во Тетово

Објавено

на

Вардар продолжи да тоне на првенствената табела во Првата македонска фудбалска лига, а ова попладне за првпат оваа сезона падна на едно од двете места кои водат во понизок ранг на натпреварување.

Некогашното големо дерби за титулата во македонското првенство денеска беше дерби на двајца „давеници“, па во ситуација кога им гореше под нозе на играчите на двата тима, Силекс покажа далеку поголем квалитет и демонстрираше дека во овој момент е за неколку класи подобар тим од Вардар кој вртоглаво паѓа и оди кон втора лига.

Кратовчани на домашен терен се изборија за највисока победа во историјата со големиот ривал, бидејќи победија со неверојатни 6:0 кои носат уште една необична симболика.

Сите шест гола беа постигнати од двајца играчи, односно Ристов ги постигна првите три гола за водство од 3:0, а потоа хет-трик запиша и Ѓоргиев за конечни 6:0.

Силекс со оваа победа избегна од опасната зона и го мина Вардар на табелата, а тимот на Џиџи Илиевски падна на претпоследното место со новиот пораз и очекувањата за спас до крајот на сезоната се се помали.

Единствено позитивно за Вардар е тоа што и Ренова загуби од Шкендија во локалното дерби со 0:3, па може да се надева дека ќе успее да слави во директната пресметка со тимот од Тетово која е на програмата следното коло.

На другите натпревари ова попладне, Академија Пандев загуби од Шкупи 0:1, последната Беласица загуби од Македонија 0:2, а Борец на домашен терен беше поразен од Струга со 0:1.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни