Поврзете се со нас

Билијард и Снукер

Комплетирани првите Мастерс турнири во „А“ и „Б“ билјард лигата

Објавено

на

Изминатиот викенд во билијард клубот „Гран Клуб“ во Скопје беа одржани првите турнири од државното првенство во „А“ и „Б“ лигите од тековната сезона.

Со тоа беше отворено државното првенство кое оваа година се игра според нов формат, односно во две лиги, повисоката по ранг лига „А“ во која учествуваат најдобрите 16 играчи од минатата сезона и лигата „Б“ во која право на учество имаат сите останати играчи.

Во рамките на лигата „Б“ на завршниот турнир пласман преку квалификациите обезбедија 14 играчи од вкупно пријавени 44 во прелиминарната фаза. Иако пониска по ранг, квалитетот на мечевите во „Б“ лигата беше на завидно високо ниво. „Новајлиите“ во лигата, Коста Катов и Филип Грозоски, го започнаа турнирот со висок ритам и со одлични игри успеаа да остварат по две последователни победи, иако ова за нив е прв настап на некој од турнирите во рамките на државното првенство.

Изненадувањето во првото коло го приреди Димитар Симовски кој во првото коло оствари победа против еден од фаворитите, искусниот Трајче Дончевски, со што го испрати во „губитничкиот“ дел од ждребот. И покрај поразот во првото коло Дончевски, благодарение на својот квалитет и искуство, успеа по потешкиот пат да продолжи и со пет последователни победи да обезбеди пласман во финалето каде се сретна со Димитрие Маневски кој успеа да дојде до финалето од „победничката“ страна на ждребот.

Финалниот дуел изобилуваше со одлични потези и надигрувања, при што Маневски го имаше почетното водство но Дончевски брзо ја консолидираше својата игра и го превзема водството во мечот и по 40 минути игра дојде до водство од 5-3. Во продолжение на мечот Дончевски имаше две меч топки кои не ги искористи што му помогна на Маневски да направи пресврт и со резултат од 6-5 да оствари победа во финалето, а со тоа и да го освои првиот мастерс турнир од „Б“ лигата.

Во „А“ лигата, пред се заради квалитетот на играчите кои играат во неа, речиси секој меч може да биде окарактеризиран како своевидно „дерби“. Изненадувањето во првото коло го приреди Тино Бојаџиев кој со резултат 6-5 го совлада минатогодишниот шампион и бранителот на титулата Дејан Сипковски.

Од првото коло не може, а да не се спомене перфектната игра на Кире Зајкоски кој се сретна со Александар Јовановски и речиси без ниту една направена грешка дојде до перфектна победа од 6-0. Првиот ден од турнирот беше обележан со одлична игра, но и повремени неочекувани грешки кои веројатно се должат на долгата пауза без турнири која беше предизвикана од пандемијата со КОВИД 19.

Изненадувачки елиминации во првиот ден доживеаа браќата Флорим и Премтим Мемеди од БК „Голден Балл“ од Тетово, додека конзистентна игра покажаа Дарко Ацески, Илчо Трајковски и Дритар Бајрами кои остварија убедливи победи во првите две кола.

Вториот ден од турнирот продолжи со одлични мечеви по кои пласман во полуфиналето од победничката страна обезбедија Дарко Ацески и Илчо Трајковски, додека од т.н. „губитничка“ страна на ждребот до полуфиналето дојдоа Александар Бошески и Дејан Сипковски.

Во полуфиналните мечеви до израз дојде одличниот ритам кој дотогаш непоразените Ацески и Трајковски го имаа и полесно од очекувањата остварија победи над Бошевски и Сипковски кај кои евидентен беше „заморот“ кој се појави како последица на поголемиот број на мечеви кои треба да се одиграат на „губитничката“ страна од ждребот за да се дојде до полуфиналето.

Финалниот меч целосно го оправда епитетот „шлаг на тортата“ бидејќи двајцата играчи покажаа врвна игра, одлични потези, се менуваа во водството и на крајот целиот меч се сведе на еден добар удар. Имено при резултат од 6-6, прв шанса за победа имаше Трајковски кој се избори за удар на последната топка, но заради притисокот и тежината на ударот не успеа да погоди, што му даде на Ацески можност да дојде на масата и со поврзани 5 исклучително тешки удари, секој од нив под притисок, да дојде до победата и со тоа да го освои првиот мастерс турнир од „А“ лигата во дисциплината „Осумка“.

За крај би напоменале дека двата турнири беа организирани согласно протоколите кои Владата ги усвои, а кои се однесуваат на организирање на спортски настани и поминаа во одлична спортска атмосфера која дава дополнителен импулс за натамошниот тек на сезоната. Следните мастерс турнири се закажани за 24-ти и 25-ти април.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни