Поврзете се со нас

Формула 1

Хелмут Марко удри по ФИА: Ставете песок наместо казни!

Објавено

на

Советникот за моторспорт во компанијата Ред Бул, Д-р Хелмут Марко, упати остра критика до ФИА откако на Макс Ферстапен му беше избришан најбрзиот круг од трката за Големата награда на Португалија, а со тоа го загуби и поенот што се доделува за возачот.

Техничкиот делегат на ФИА, Мајкл Маси, кој го наследи легендарниот Чарли Вајтинг како прв оперативец на федерацијата за време на гран при викендите, веднаш по трката изјави дека избришале многу времиња од многу возачи и дека покажеле конзистентност во спроведувањето на политиката за почитување на границите на патеката.

Сепак, статистиката вели дека Ферстапен е единствениот возач на кој му е избришано времето на свиокот бр.14, додека на сите други возачи доделените казни им се за прекршување на лимитот на свиоците бр.1 и бр.4.

Работата е уште повеќе закомплицирана со примерот дека Ландо Норис бил со сите четири тркала надвор од патеката при рестартот на трката во свиокот број 4, по што вториот возач на Ред Бул, Перез вели дека не се ни обидел да се брани очекувајќи казна од ФИА која никогаш не стигнала.

– Загубивме и победа, и пол позиција и најбрз круг заради правилата за лимит на патеката. Нешто мора да се промени, или направете граница со тротоарите, или ставете песок. Казната ќе биде автоматска,- изјави Хелмут Марко.

Ферстапен од своја страна рече дека за казната на ФИА дознал дури во интервјуто за ТВ кое го водел Пол ди Реста.

– Навистина? Тоа е чудно, бидејќи досега не ги проверуваа излегувањата на овој свиок, но сеедно ми е.

ФИА реагираше дека тоа не е точно и дека постоела дефиниција за лимитите и на овој свиок.

Со одлуката на одземањето на бодот на Ферстапен, тој оди кај Валтери Ботас. Во генералниот пласман поредокот е: Луис Хамилтон со 69 бода, Макс Ферстапен со 61 бод, Ландо Норис со 37 бода и Валтери Ботас со 32 бода. Следуваат Леклер со 28, Перез со 22, Рикардо со 16 и Саинц со 14 бода.

Следната трка се вози за Големата награда на Шпанија во Барселона по пауза од само седум дена, на 9 мај.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни