Поврзете се со нас

Билијард и Снукер

Претпоследниот мастерс во билијард за 2021 ја закомплицира борбата за шампионскиот трон

Објавено

на

Изминатиот викенд во клубовите „Гран Клуб – Скопје“ и „Голден Балл – Тетово“ се одржаа четвртите мастерс турнири од дивизиите „А“ и „Б“ од државното првенство во билијард.

Во „Гран Клуб“ се одржа мастерсот од дивизијата „Б“ во дисциплината мултибол на кој учествуваа 19 играчи.

Првото коло го донесе и првото изненадување, кое воедно може да се прогласи за најпријатно изненадување на сезоната, а тоа е Андреј Ѓурчиновски кој е најмлад учесник во натпреварувањето со 11 години, но покажа зрела и стабилна игра која му донесе победа од 5-1 против Марјан Стоилов. Останатите фаворити во првото коло покажаа сигурна игра и остварија победи заради што веќе во второто коло се случија неколку „дерби“ мечеви. Најнапред во „пелагониското дерби“ Коста Катов оствари победа од 5-3 против Оливер Апостоловски, а потоа и во „скопското дерби“ Трајче Дончевски беше поуспешен од Александар Буковски.

Младиот Ѓурчиновски успеа да забележи уште една значајна победа во репасажот против Мики Тодоров, за потоа да направи сензационална победа од 5-2 против еден од поискусните играчи и фаворити за највисок пласман Владо Матоски кого го совлада со 5-2. За жал по долгиот и исцрпувачки ден немаше сили за целосна сензација и влез во полуфиналето во што беше спречен од фаворитот Димитар Симовски кој со 5-2 се пласираше во полуфиналето.

Во полуфиналните мечеви најпријатно изненадување претставуваше пласманот на Коце Манасиев кој прв пат учествува во државното првенство, но дебитантскиот настап го искористи како додатна мотивација и оствари победа од 5-0 против фаворизираниот Дончевски, додека во другото полуфинале Маневски беше подобар од Симовски и обезбеди пласман во финалето со резултат 5-3.

Финалниот меч изобилуваше со добра игра и одлични удари, како и тактичко надмудрување и во крајно неизвесен меч дебитантот Манасиев оствари победа со резултат 6-5 и го освои својот прв трофеј во првиот настап во државното првенство. По овој турнир лидер во генералниот пласман во дивизијата „Б“ остана Маневски кој сега има 90 поени повеќе од Симовски и 250 поени повеќе од третопласираниот Дончевски, додека за последното четврто место кое обезбедува пласман во дивизијата „А“ неизвесна битна водат Катов, Петровски и Апостоловски меѓу кои разликата изнесува 150 поени.

Четвртиот мастерс од дивизијата „А“ се одржа во Тетово во билијард клубот „Голден Балл“, а овој пат се играше дисциплината „14+1“ која претставува една од најстарите билијард дисциплини, но во нашата земја по прв пат се организира на државно ниво.

Турнирот изобилуваше со интересни мечеви, полни со тактичко надмудрување и убави потези. Во првото коло забележителен настап оствари Дарко Ацески кој оствари убедлива победа од 45-8 против Јасин Медиу, додека останатите фаворити прикажаа сигурна игра и обезбедија пласман во второто коло.

Второто коло донесе крајно израмнети мечеви во кои секоја победа беше остварена со помалку од 10 поени, а најинтересен меч беше дуелот помеѓу Душан Јовановски и Јасин Медиу во кој најнапред јовановски направи голема серија и поведе со резултат од 40-15, по што Медиу направи обид за пресврт и успеа да поведе со 41-40, но во тој момент направи позициона грешка која Јовановски ја искористи и оствари победа од 45-41. Успешна серија во репасажот забележа и Горан Думески кој со победите против Бошески, Бојаџиев и Самарџиоски успеа да обезбеди пласман во полуфиналето каде вкрсти со фаворитот Флорим Мемеди. Во другото полуфинале се сретнаа Кире Зајкоски и Илија Трајковски кои претходно остварија победи против Самарџиоски и Ацески и сосема заслужено се најдоа во полуфиналето.

Полуфиналните мечеви беа крајно неизвесни, иако резултатите не го отсликуваат тоа, а во нив Трајковски и Мемеди остварија победи и заслужено се пласираа во финалето.

Финалето всушност претставуваше директен дуел на двајца од тројцата главни фаворити за освојување на првенството, при што Трајковски имаше императив за победа заради тоа што пред мечот заостануваше само 130 поени зад Мемеди во генералниот пласман. Мечот беше одбележан со големи серии направени од двајцата натпреварувачи, најпрвин Мемеди направи одлична серија од 26 поени, на што Трајковски одговори со серија од 21 одржувајќи го мечот во егал. По неколкуте пократки серии резултатот беше 45-40 во корист на Мемеди и настапи период на тактичко надмудрување во кое Флорим Мемеди успеа со напаѓачка игра да дојде до шанса да го зададе последниот удар која добро ја искористи и со серија од 10 поени го постави конечниот резултат од 55-40 и успеа да дојде до втор триумф оваа сезона и да го зголеми своето водство во генералниот пласман.

Во пресрет на последниот турнир од овогодинешното првенство Флорим Мемеди е лидер во генералниот пласман со 1880 поени, пред Ацески кој има 1770 и Трајковски со 1680 поени. Ова секако е гаранција за одлична игра и мечеви на последниот турнир кој ќе го даде и одговорот на прашањето кој ќе биде државен првак во сезоната 2021, а кој е закажан за 14 ноември оваа година.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни