Шах
Иван Соколов: Потребни се промени во форматот на борбата за шампионската титула!
Велемајсторот Иван Соколов беше присутен во Скопје на Европското првенство во брз и забрзан шах (блиц и рапид), иако примарната причина на неговата посета беше да учествува на конгресот на Европската шаховска унија, каде што тој е дел од бордот на претсседателот Зураб Азмајпарашвили.
Тој сепак настапи и на рапид-турнирот, но повеќе рекреациски, бидејќи одамна не настапува активно и е посветен на пишување книги и на тренерска работа.
ДЕРБИ: Зад нас е една исклучително богата година со шаховски збиднувања, почнувајќи од изборот на новиот претседател на ФИДЕ, Олимпијадата, мечот за светскиот првак, па еве сега и ова европско првенство што се одржува во Скопје. Како протече според вас оваа 2018 година?
– Генерално мислам дека ова беше една позитивна година за шахот. Олимпијадата во Батуми беше одлично организирана, а таму, на пример, видовме еден голем потенцијал од репрезентацијата на Полска. Тие беа едни од најмладите и се бореа за врвот речиси до крајот. Јас лично го предводев тимот на Иран на континенталното првенство на Азија и таму го освоивме првото место. Што се однесува до мечот за титулата светски првак, се надевам дека конечниот исход ќе влијае да се смени форматот на натпреварувањето, бидејќи после 12 нерешени партии, чудно е одлуката да дојде низ играње забрзан шах. Дали ќе се зголеми бројот на партиите или пак во тие дополнителни тај-брек партии прво да се започне со стандард темпо, а потоа да се премине на рапид во подоцнежна фаза. И изборот на новиот претседател на ФИДЕ, Дворкович, е позитивна работа за шахот бидејќи Кирсан Илјумжинов долго беше на таа функција, некои работи ги направи добро, а некои не, па после толку години време беше да дојде до промена. Ова европско првенство што се игра во Скопје е едно од најпосетените и едно од најпопуларните меѓу играчите во Европа, и сметам дека тоа исто така е добро за Македонија и македонскиот шах. Знам дека Алкалоид не успеа повторно да ја освои титулата во Купот на европски шампиони, но беа близу, така што верувам дека оваа богата година протече позитивно.
ДЕРБИ: Вас ве паметат како еден од најуспешните велемајстори од поранешните југословенски простори, можеби дури и најуспешен ако се гледа само по висината на рејтингот, но во минатото имало и играчи кои го нашле своето место во шаховската историја и на други начини, како, на пример, иновирајќи одредени ситуации во шаховската игра, како варијантата за напад на Велимировиќ во сицилијанската одбрана или Пирцовото отворање, па како вие од денешен аспект гледате на својата кариера, дали сте задоволен од она што успеавте да го постигнете како играч?
– Не сум сосема задоволен, мислам дека можев повеќе. Да можев нешто да променам, мислам дека најмногу жалам што не го освоив турнирот во Вајк Ан Зе. Ми фалеше само половина поен или едно реми, а мислам дека тоа е голема работа човек да го има освоено тој турнир. Исто така во некои циклуси од мечевите за шампионат на светот мислам дека можев малку подобро, но глобално гледано долги години бев меѓу првите 20 играчи на светот, можеби и цела деценија, и тоа ме прави задоволен. Од 2013 година сум активен како шаховски тренер и исто така напишав неколку книги, а од овие избори одржани на Олимпијадата влегов во бордот на Европската шаховска унија, па ќе се обидам и од таа позиција да направам нешто што би ја подобрило ситуацијата.
ДЕРБИ: Мислите да направите нешто што не сте успеале како играч?
– Не, не, тоа се две сосема различни работи. Не би повлекол паралела. Задоволен сум од кариерата, но нормално е после извесно време да влезам и во другите сегменти, како што тоа е случај и во другите спортови, играчите да стануваат тренери, организатори и тн. Има и спротивни примери како што беше Корчној, но тие се мошне малку.
ДЕРБИ: Вие бевте дел од шаховскиот клуб Босна, кој во бивша Југославија стана европски шампион, па би сакал ваше мислење околу тоа дали можеби можете да издвоите нешто карактеристично како таканаречена сараевска шаховска школа и да го споредите тоа со работата на други локации и не само во бивша Југославија? А во продолжение и за развојот на новите шаховски школи на локации каде што порано и не биле со толкав замав како сега, како што се Кина, Индија, па ете дури и селекцијата на Иран што вие ја предводите…
– Искрено, не мислам дека постоеше некаква сараевска школа. Југославија како спортска целина тогаш беше многу поинаку конципирана отколку што е денеска. Постоеше југословенска лига и имаше некаков промет на играчи од клуб во клуб, што е многу поразличен од она што го има денес. Кога бев дел од тимот на Босна што го освои купот на шампионите само јас бев играч од Сараево. Значи, не би рекол сараевска школа, туку југословенска бидејќи тогаш шахот се играше на таков начин. Што се однесува до развојот на другите земји, мислам дека тоа е процес којшто доаѓа од развојот на дигиталната ера. Постои интелект, постојат компјутери, многу информации, луѓето на многу побрз начин ги обработуваат тие информации. Мислам дека тоа е единствената причина зошто се појавија нови шаховски сили. Таа расправа се уште е во тек, дали овие нови држави во шаховскиот свет можат со таквиот третман на информациите да ја надминат шаховската култура која што била градена со децении. Можеби и можат, знаете. Русија нема освоено злато на олимпијадите којзнае од кога. Можеби има влијание и тоа што некои поранешни советски држави се осамостоија, како на пример Ерменија. Ако се навратам на времињата кога играв за Југославија на почетокот од деведесетите, мечевите со Кина, Индија и Иран беа сметани за лесни и секој резултат под 3 наспрема 1 ќе се сметаше за голем неуспех. Сето ова се смени во моето доба, значи, за некој период од повеќе од 20 години. Исто така, на пример, јас станав велемајстор во 1987 година, и во тој момент, со 19 години, бев најмлад велемајстор на светот. Денеска да се стане велемајстор со 19 години не е никаков успех, напротив, имаме примери дека таа титула ја освојуваат и деца со 12 години. Значи, не станува збор само за компјутеризација на шахот, туку за компјутеризација на животот. Времето се движи побрзо и дојде до извесни промени.
ДЕРБИ: Кое е вашето запазување како еден од врвните дваесет играчи на светот во своето време, дали е возможно професионално да се живее од шахот? Веројатно некои од првите дваесет фудбалери на светот заработува десетици милиони годишно…
– Не може баш тоа да се споредува. Шахот не е во тој сегмент и веројатно никогаш нема ни да биде. Денеска првите дваесет шахисти на светот заработуваат многу повеќе отколку што тоа беше случај во мое време. Можеби оние што се подолу на ранг листата, да речеме првите стодваесет играчи, прават помалку пари отколку што беше случај во минатото, значи, овие на врвот се издвоија. Исто така има и други елементи кои влијаат на тоа дали може да се живее од шахот, како, на пример, локацијата на којашто живеете, бидејќи има држави коишто вложуваат во шахот, го спонзорираат. Играчите од таквите земји не мора многу да заработуваат по турнири за да имаат комфорен живот. Други држави кои не го помагаат шахот ги третираат играчите како слободни уметници и им велат, „заработи колку што можеш и нека ти е со среќа“. Трет момент е животниот стандард, онаму каде што живеете. Планетата земја е мошне голема и тешко е да се повлече паралела меѓу двајца професионалци од кои што, да кажеме, првиот живее во Њујорк, а вториот во Индија. Не е исто. Прашањето е мошне комплицирано. Мојот совет кога ме имаат прашано луѓе од западните економии дека шахот не е во ситуација каде што некој може да си дозволи да повлече таков потег и да стане шаховски професионалец освен ако не е исклучителен талент. Кога го велам тоа мислам дека треба да се има рејтинг, на пример, од 2750. Во мое време таа граница беше околу 2700. Мислам дека голем број на играчи коишто живеат во нормални економии и имаат рејтинг околу 2600 влечат мошне ризичен потег за својата иднина ако се определат да бидат шаховски професионалци.
ДЕРБИ: Со огромната помош којашто ја нудат компјутерите, чинам дека се менува и стилот на учење на шахот, бидејќи повеќе се оди на меморизирање на одредени ситуации и потези отколку на размислување како што се сугерираше во минатото, како повеќе да се чека противникот да згреши, наместо да се оди на креација? Дали тоа не е на некој начин дезавуирање на играта?
– Јас имам лиценца за работа како ФИДЕ сениор тренер и ја водев репрезентацијата на Иран на олимпијадата во 2016 година. Работев и со поединечни играчи и знам дека има многу тренери коишто работат постојано со компјутери бидејќи мислат дека така треба, а многу ги има и не сакам да ги омаловажувам, но мислам дека се кријат зад работата на компјутерите. Немаат сопствена ерудиција да пронајдат нешто. Не мора сите да се согласат, но јас мислам дека кога е во прашање работата со компјутерите, она што јас им го кажувам на моите ученици е дека компјутерот треба да работи за тебе, а не обратно. Особено младите играчи не смеат да дозволат компјутерот да ги води нив, бидејќи тие треба да го водат компјутерот. Човечкиот мозок се уште треба да командува со таа вештачка интелигенција. Се разбира дека моќта за пресметување на компјутерот е без конкуренција, тој тоа ќе го направи и побрзо и подобро од човекот со само едно притискање на копчето, откако ќе го прашаш. Каспаров, кој беше еден од најголемите играчи, ако не и најголемиот, мошне добро се изрази кога рече дека треба да знаеш кога да го исклучиш компјутерот, а за тоа некој да го знае потребно е да има навистина големо познавање.
ДЕРБИ: Едно хипотетичко прашање за споредба на актуелниот светски првак Карлсен со шахистите од ваше време. Колку тој како претставник на оваа нова генерација играчи ќе беше во можност да се бори за шампионската титула пред 25 години?
– Карлсен сигурно би се изборил, но ако се запрашаме дали Карлсен би можел да го победи Каспаров во најдобрите денови, е тоа е веќе прашање.
Никогаш нема да дознаеме, тоа би бил мошно интересен меч бидејќи ќе се бара одговорот дали Карлсен со своите завршници ќе успееше да го неутрализира агресивниот стил што го имаше Каспаров, а тоа би било мошне интересен меч и јас лично во една таква хипотетичка ситуација би се обложил на Каспаров. Сепак, можеби тоа е затоа што сум поблизок до неговата генерација и не мора да значи дека тоа има врска со вистината.
ДЕРБИ: Во едно претходно интервју имате кажано дека Каспаров “ја диктирал модата“ и другите го копирале неговиот начин на игра, па ме интересира дали мислите дека и Карлсен денеска ја ужива истата позиција?
– Карлсен можеби ја има моќта, но тогаш би требало комплетно да го промени својот стил. Во стилот на Карлсен отворањето не е главен сегмент, како што тоа е случај кај Каспаров, каде што отворањето му беше најсилниот аспект во играта. Каспаров затоа ја диктираше модата, а Карлсен сега ја нема баш таквата улога поради тој свој стил.
ДЕРБИ: Каква е состојбата со другите млади играчи во врвниот шах и кого од нив цените, или за кого имате поголемо разбирање за неговиот стил на игра? Прочитав дека во едно поранешно интервју го наведувате Кинезот Јанг Јуи како играч во чијашто иднина верувате, а ете токму тој нам ни е интересен бидејќи настапува и за Алкалоид во Европскиот клубски куп.
– Вистина е дека тогаш многу го ценев, но сега имам впечаток дека некако неговиот развој се забави. Очекував дека во меѓувреме ќе му се доближи на Лирен Динг, но не успеа и овој се уште е многу подобар од него во овој момент. Сепак, тој се уште е многу млад и го нема кажано последниот збор, но има добар стил, мошне динамичен, го разбира шахот и има добра иднина пред себе. Истото го мислам и за Лирен Динг, а можеби би било најинтересно да видиме и меч за светската титула токму меѓу Карлсен и Динг. Според мене Кинезот владее добро со сите аспекти на играта, нема место каде што не е силен, и би рекол дека е мошне универзален борец. Исто така, тој ги нема фалинките на Каруана, кој сега на мечот за светската титула успеа некако да се справи со конзумацијата на времето. Каруана со години се бореше со ужасни цајтноти. Сега, во текот на првите дванаесет партии покажа дека тоа го совладал, но се уште не го совладал нивото на играта во рапид, а такво нешто воопшто не е пролем за Лирен Динг кој игра добро при секакво темпо.
ДЕРБИ: Кои се вашите совети како тренер, еве, на пример, дали постои возраст која што е најпогодна за учење на шахот?
– Тешко е да се каже точно, тука важи онаа старата „што порано, тоа подобро“. Не сум Колумбо кога го велам тоа, на сите им е јасно. Во мое време најдобри години за игра беа од 30 до 35, а сега играчите го достигнуваат својот зенит веќе на 25 години. Можеби најкоректно е да се каже дека од 25-та до 30-та година имаат најголем набој. Учењето на шах од малечок подразбира дека понатаму низ животот полесно ќе ги носиш некои одлуки, како, на пример, дали ќе бидеш професионалец или дали ќе работиш некоја друга работа. Постојат два начини на развивање на младите играчи, при што во првиот тие имаат некој свој потесен репертоар, и се обидуваат да го изградат до максимум, да станат експерти во таа игра или за тие варијанти, додека втората можност е да играат што е можно поразлични системи за да научат повеќе аспекти на играта. На тој начин би станале поуниверзални шахисти. Јас некако тежнеам кон овој вториот систем, оној момент кога еден шахист ќе се развие до таа мера за да стане универзален, што би значело да има разбирање за повеќе типови на позиции, потоа во иднина ќе му биде полесно да стане експерт во некој потесен сегмент. Борис Спаски беше еден од најуниверзалните играчи и според мое мислење еден од најпотценените светски шампиони.
-
Лига на шампиони23 часа
Сколс импресиониран од еден играч на Јувентус: Кој по ѓаволите е овој? (ФОТО)
-
Англија23 часа
Браун: Погба по третпат во Јунајтед? Тоа сценарио…
-
Шпанија12 часа
Меси го избра својот наследник од новите фудбалски ѕвезди: Тој е сегашност и иднина на фудбалот (Видео)
-
Лига Европа13 часа
Лацио испорача дефиниција за убиствена контра: Слалом на Тавареш и ремек-дело на Педро (Видео)
-
Свет16 часа
Капело: Гвардиола е премногу арогантен, Сити остана без доста трофеи поради него!
-
Македонија24 часа
Работнички се засили со поранешен младински репрезентативец на Македонија
-
Лига на шампиони18 часа
Ди Грегорио за извонредната одбрана во дуелот со Халанд: Не знам како ми успеа тоа (Видео)
-
Лига Европа15 часа
Тренинг акција од слободен удар донесе победа за Јунајтед во Чешка (Видео)