Поврзете се со нас

Млади спортисти

Училиштата од Општина Бутел ќе бидат дел од општествено одговорната кампања на „Макпетрол“

Објавено

на

Скопската Општина Бутел се приклучува на „Крени глас против врсничко насилство“, општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. Учениците од основните училишта „Ацо Шопов“, „Гоце Делчев“, „Живко Брајковски”, „Климент Охридски“, „Лиман Каба“, „Панајот Гиновски“ и „Петар Здравкоски-Пенко“ во следниот период ќе учествуваат во работилници предводени од психолог, а преку кои ќе се здобијат со најразлични знаења поврзани со булингот. Градоначалникот Дарко Костовски и членката на управниот одбор и директорка во „Макпетрол“, Марија Јосифовска-Спасовска денес потпишаа меморандум за соработка.

– Врсничкото насилство е повеќеслоен, сериозен, општествен проблем за чие што решавање ќе биде потребно време и посветен ангажман, а нашата кампања ќе продолжи со несмалено темпо и во периодот што следува. Вредноста на сите активности е препознаена од голем број општини во земјава, за што сме искрено благодарни и горди, но кампањата одекнува и на регионално ниво, каде што дел од медиумите веќе ја издвоија како проект со посебни достигнувања во минатата година. Со секој сегмент од активностите, без разлика дали тоа се работилниците, едукативниот материјал што го печатиме или интернет-страницата, целта ни е да го кренеме интересот на јавноста за проблемот со булингот и да го слушнеме гласот на децата и на младите, како најзасеганти од оваа појава – вели Јосифовска-Спасовска.

„Макпетрол“ неделава потпиша меморандум за соработка и со општина Штип, а претходно во кампањата се приклучија и Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, како и Ѓорче Петров. Едукативни работилници до крајот на 2023 година се одржаа во пет од наведените општини, а во останатите ќе бидат реализирани во следниот период.

Учениците најдиректно се запознаваат со причините и со последиците од булингот на работилниците што ги предводи психолог со долгогодишно искуство во областа. Преку вежби и дискусии, тие учат како да ги препознаат различните форми на булингот, како што се физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството. Учесници во овие средби се и претставници на стручните служби на училиштата кои што здобиените знаења имаат можност да ги применат и во редовната настава.

Училиштата во Општина Бутел ќе добијат и материјали испечатени од „Макпетрол“. Преку овие содржини, не само учениците, туку и стручните служби, како и родителите, имаат можност подетално да се запознаат со проблемот со булингот.

Носечки дел на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ е вебсајтот kreniglas.mk. Оваа платформа има за цел да ги едуцира сите што можат да помогнат во решавањето на проблемот со врсничкото насилство – децата, родителите, како и наставниците. На оваа интернет-страница секој што бил жртва или имал искуство со булингот, може анонимно да ја сподели својата приказна.

Децата во Македонија уште од најрана возраст се соочени со булингот, односно врсничкото насилство. Проблемот е комплексен, а неговото значење и влијание е огромно врз развојот на секое општество. „Макпетрол“ ја отпочна едукативната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“ со цел да го крене интересот на јавноста за оваа појава, но и да се најдат начини и пристапи за решенија. Преку активностите компанијата остварува една од своите стратешки цели – општествената одговорност.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни