Поврзете се со нас

Пливање

Томи Стефановски: Посакувам да сум последниот „сам свој мајстор“ во врвниот спорт

Објавено

на

Освојувањето на титулата во Светската серија на ФИНА претставуваше своевидна круна во кариерата на Томи Стефановски, но македонскиот пливач во интервјуто за „Дерби“ откри дека поканата за влез во „Куќата на слваните“ за маратонското пливање дошла пред овој успех да биде постигнат.

Стефановски плива од својата шестата година, а во интервјуто ги открива и своите планови за иднината откако објави дека ова е негова последна сезона.

ДЕРБИ: Почнуваме од крајот, нека ти е честито вбројувањето во „Куќата на славните“ од маратонското пливање. Како го доживеа сето ова?
– Официјално, поканата за „Hall of Fame“ е од минатата година, мислам дека беше официјално на 4 март 2016 година и оваа година не беше сметана. Во образложението пишуваше дека ова признание ми се доделува како за највозрасен победник на маратонот во Канада на 43 години, на езерото Лак Сен Жан во 2014 година. Победата во Охрид и пласманите од оваа година не се сметани. Ниту еден друг маратонец нема подиум на 40 години, а јас имам 9, од кои три победи, 2 втори и четири трети. Во 2014 бев второпласиран на крајот од сезоната, а оваа година стигнав до првото место на крајот од сезоната, но дури и да не беа тие резултати официјалната промоција ќе се случеше овој ноември. Не постојат зборови кои можат да ги доловат тие емоции, целата таа церемонија, добивањето на свечената лента… ништо од тоа не е скапоцено само по себе, а сето тоа делуваше толку моќно. Моментот на бината вреди за сите напори во целата кариера, чувството е неописово, има голема вредност.
Да се влезе во „фамилијата“ во којашто се великаните на маратонското пливање, почнувајќи од лауреатот на Охридскиот маратон од шеесетите години, Абу Хејв, преку Вељко Рогошиќ па се до Петар Стојчев, претставува голема чест.

ДЕРБИ: Го знаеме крајот на приказната, а каков е почетокот, од кога си во базенот и какви соништа имаше на почетокот?
– Во базенот сум од својата шеста година, а виновник е татко ми кој исто така беше пливач и првак на Македонија. Ги поминав сите категории во пливањето и бев рекордер на Македонија речиси во сите дисциплини. Моја примарна дисциплина беше делфин и во таа дисциплина станав и младински репрезентативец на тогашна СФР Југославија. Потоа пријателите и друштвото ме однесоа во ватерполото, кадешто имаше многу силна генерација на Вардар која во 1990 година ја освои титулата во тогашната Југословенска втора лига. По распаѓањето на државата, останавме без конкуренција во Македонија, а во исто време во 1992 година се возобнови Охридскиот маратон. Првите 3 години Охридскиот маратон го пливав со ватерполо тренинг, а во 1995 година кога стигнав петти на Охридскиот маратон, одлучив дека е време да се посветам само на маратонското пливање, и мислам дека не згрешив.

ДЕРБИ: Публиката ја знае приказната за маратонското пливање од страна, што е она што не го знаат, како всушност се станува светски првак и притоа да се преживее, да се води нормален живот?
– Од страна се гледаат само маратонските трки, а не се гледа макотрпната работа којашто треба да се помине за препливување на еден маратон, а во наши услови за се сме оставени сами на себе. Екипата којашто треба да биде околу нас, составена од тренер, нутриционист, доктор (киропрактичар) ја нема. Кога почнав да се движам во светската елита, а исто така и преку соработката со светскиот првак Петар Стојчев, почнав да ги увидувам разликите во тренингот и почнав да ги применувам искуствата во мојот тренинг. Таквиот тренинг донесе резултати. Тренинзите не беа потешки за тренирање, туку различни и специјализирани за маратонско пливање. Во поединечниот спорт во Македонија, врвните спортисти се уште немаат каде да се обратат за исхрана, во случај на повреда. Затоа мислам дека би било добро, на пример во Олимпискиот комитет да го има потребниот тим, и спортистите да знаат точно каде треба да се обратат.

ДЕРБИ: Дали можеби си размислувал каде ќе беше ако всушност ги имаше сите услови на располагање, односно дали жалиш за нешто… Остана ли сепак нешто неостварено?
– Успесите сигурно би биле поголеми, меѓутоа овој пат којшто го поминав, кадешто се испробав на своја кожа и научив повеќе, успесите ми се подраги. Се што сум постигнал е во вид на „сам свој мајстор“, па затоа и нештата ги доживувам поемотивно, знам колку вреди тој напор, секој тренинг од 3 до 6 часа. Меѓутоа, таквиот начин доведе до тоа да не учествувам на квалификациите за Олимпијадата во Пекинг. И до ден денес не ми е јасно зошто не патував. И тоа е единствената работа за којашто жалам.

ДЕРБИ: Веројатно по 25 години во пливањето тешко е да се замислиш во друга средина, но имало примери на успешни спортисти кои биле и успешни лидери на спортски организации. Каде се гледаш ти?
– Продолжувам со Александар Илиевски, како тренер, бидејќи досега му бев спаринг партнер. Пробувам да го вратам Јаков Јованов, квалитетен пливач, но мора да направи прво резултат во базен. Желбата е да одиме на Олимписките игри. На Олимписката трка од 10 километри учествуваат 25 пливачи, од кои еден е претставник на домаќинот на ЛОИ, петмина се првите од секој континент, така што остануваат само 19 места да се пополнат, поради тоа претставува една од најтешките норми за исполнување. Десеткилометарските трки станаа „контакт“ спорт бидејќи е кружна трка и на бовите кога се свртува доаѓаат и 50 пливачи и тука, ако не си спремен да влезеш во борба веднаш одиш на крајот од групата. За постигнување на олимписка норма мора да има професионализам, почнувајќи од пливачот, тренерот и целата екипа. Треба да има луѓе коишто го поминале тој циклус на тренинзи како пливачи или како тренери. Се надевам дека јас ќе бидам последниот „сам свој мајстор“ од врвниот спорт на оваа земја.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни