Поврзете се со нас

Македонија

Работнички му врачи „шут-карта“ на Достаниќ

Објавено

на

Работнички со неколку позитивни резултати во последните неколку кола успеа да побегне од опасната зона на табелата, но генералниот впечаток од првиот дел од сезоната беше дека „романтичарите“ одново играа доста недопадлив фудбал, кој сега резултираше со мини турбуленција во клубот.

Пред неколку дена, тренерот Ратко Достаниќ без никакво објаснување ги отпушти своите соработници и асистенти Баше Илијоски и Михајло Шејкероски, потег кој очигледно не и се допадна многу на управата, која пак денеска соопшти дека е прекината соработката со српскиот стручњак.

Работнички ја информираше јавноста дека клубот во наредниот период ќе назначи нов шеф на стручниот штаб за пролетниот дел од сезоната, откако постигнале договор за предвремен раскин на договорот со актуелниот тренер.

– Дојде до разделба со шефот на стручниот штаб Ратко Достаниќ. Во меѓусебен разговор оценивме дека во моментот најдобро е да има спогодбен раскин на договорот со тренерот Достаниќ.

– ФК Работнички му се заблагодарува за професионалниот пристап и напорната работа и му посакува се најдобро во натамошната кариера. Во наредните неколку дена ќе се посветиме на изнаоѓање најдобро решение за тренерската позиција во клубот, – изјави претседателот на клубот, Драган Поповски.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни