Поврзете се со нас

Европски првенства

Поразите во Дебрецин ќе ни донесат потежок пат за СП 2023: Два баражи, познати противниците за првиот

Објавено

на

За „Дерби“ од Унгарија,
Ристе Влахов

Воведните порази на континенталниот собир кој се одржува во Унгарија и Словачка на репрезентацијата на Македонија ќе и донесат потежок пат за пласман на Светското првенство кое во 2023 година ќе се одржи во Шведска и Полска.

Македонија првично беше поразена од Словенија, а потоа доживеа неочекуван пораз и од Црна Гора со што стана јасно дека ќе завршиме на последното место во групата A.

По целиот расплет на работите веќе е сигурно дека за пласман на Мундијалот ќе треба да одиграме две бараж средби, од кои втората доколку успееме да стигнеме до неа ќе биде пеколно тешка.

Во првиот бараж би можеле да ги добиеме репрезентациите кои преку квалификациите обезбедија место за овие натпревари, а тоа се Италија, Фарски Острови,  Романија, Израел, Финска, Естонија, Грција и Белгија. Освен овие репрезентации место во првиот бараж има и за репрезентацијата на Швајцарија која обезбеди директен пласман на истиот како најдоброрангирана селекција која не обезбедила место на континенталниот собир.

На овие репрезентации, во првата бараж рунда ќе се пласираат и деветте најслаби репрезентации од Европското првенство кое е во тек. За жал, меѓу нив ќе биде и нашата репрезентација.

Откако би го поминале првиот бараж систем, ќе следи втор бараж натпревар во кој противниците ќе бидат далеку посериозни.

Таму би не чекале сите репрезентации што ќе се пласираат од четвртото до  15. место на Европското првенство, освен Полска и Шведска кои имаат директен пласман како домаќини и Данска која  е бранител на трофејот од претходното Светско првенство.

Овие девет репрезентации ќе вкрстат со деветте репрезентации кои ќе победат во првиот бараж, а победниците од вторите баражи ќе обезбедат директно место на Мундијалот во 2023 година.

Првите бараж средби на програмата се закажани за средината на месец март, додека вторите се закажани еден месец подоцна, во април.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни