Поврзете се со нас

Лига Европа

Пиоли по нереалниот пенал рулет кој на крајот беше среќен за Милан: Никогаш не сум видел вакво нешто! (Видео)

Објавено

на

Милан е последниот патник во групната фаза во Лига Европа, откако изминатава вечер излезе како победник во фудбалското лудило на кое сведочеа сите присутни на теренот, но и оние кои го гледаа дуелот од малите екрани.

Тимот од Милано беше во неколку наврати на работ од елиминација, најпрво во дополнителните 30 минути игра кога имаше негатива до 120-та минута, а потоа и во пенал рулетот кој во најмала рака беше луд.

Милан се избори за пенал завршница откако Чалханоглу беше прецизен реализатор на најстрогата казна од 11 метри, по што следеше нереален расплет на стадионот во Рио Аве.

Во првите седум серии, изведувачите беа навистина прецизни и голманите немаа шанса, но потоа временските услови значително се влошија, по што драмата стана уште поголема. Коломбо беше првиот играч кој не реализираше, па Рио Аве доби шанса да го заврши мечот во осмата серија.

По ударот на Монте, топката удри во двата диреци и не заврши во голот, па Милан со огромна среќа остана во игра. Потоа следеше реализација на Леао, па гол на Пинто откако Донарума ја имаше топката во раце.

Во продолжение, дојде ред пенал да изведува голманот на Милан, а овој ја испрати топката над голот, исто како и неговиот колега Кизчек. Следеа нови утки на Бенасер и Гералдес, додека како последна се покажа 12-та серија, во која Кјаер беше херој, а Адерлан трагичар.

Со вкупни 9:8 во неверојатниот пенал рулет, Милан си обезбеди пласман во главниот ждреб за Лига Европа, а по крајот на лудилот во Португалија, импресиите не ги криеше тренерот Пиоли.

– Тешко е да се контролираат емоциите после вакво нешто. Поради ова велат дека пенал рулетот е лотарија, но како млад тим, докажавме дека можеме да страдаме и на крајот да победиме. Никогаш не сум видел нешто вакво, но тоа е фудбалот, – изјави Пиоли.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни