Поврзете се со нас

Европски првенства

Лазаров: Поставуваме еден систем, ми одговара оваа улога на селектор-играч

Објавено

на

Новиот селектор Кире Лазаров имаше исклучително тежок предизвик на дебито за нашата репрезентација, но долгодишниот македонски капитен уште еднаш покажа дека е величина, мозок и успеа да постави игра со која го урна светскиот шампион Данска (33-29) во Скопје.

Овој резултат донесе голема радост и задоволство кај сите, па и кај Кире кој е убеден и верува дека оваа селекција како што ќе одминува времето ќе биде се подобра и подобра, поточно базата од 25 играчи ќе донесе да имаме квалитетни партии во континуитет.

-Задоволен сум и горд сум на она што се направи. Можеби неочекувано лесно ја добивме Данска, сега имавме видео-анализа и дури на мене анализата на натпреварот ми изгледа многу подобро одошто ми изгледаше на терен. Може да се увидат неколку детали и сакам уште еднаш јавно да им честитам на играчите, стручниот штаб и сите што беа инволвирани во овој процес за подготовката против Данска.

-Го направивме тоа што го направивме, сега треба уште повеќе да се посветиме и да се надградуваме и најважно е во наредните седум-осум месеци да создадеме квалитетна база од 20-25 квалитетни играчи кои во секој момент можат да влезат на терен, да не почуствуваме недостаток на квалитет и да им парираме на големите европски репрезентации. Ќе работиме многу, ќе се посветиме, имаме идеја, тука сме 21 играч, ни недостасуваат од оние кои што го заслужија повикот сега Марко Мишевски од Вардар кој беше ковид-позитивен, сега е негативен, како и Дејан Кукуловски и Бојан Маџовски. Се надевам дека во нареден период ќе се појави уште некој играч и ќе го вклучиме во „костурот“ за да немаме недостаток на квалитет без разлика кој и да е на теренот.

Во однос пак на новата улога како селектор, но и воедно лидер на оваа репрезентација, членот на Нант истакна дека му годи оваа двојна функција.

-Во репрезентацијата и клубовите многупати сум бил десна рака на тренерите и селекторите, ми одговара оваа улога на селектор-играч. Многу потешко би ми било да сум само селектор, да гледам од надвор, а да не делувам внатре, па вака кога сум на терен сам носам одлуки и решенија и директно влијаам на резултатот на играта.

-Ме исцрпува новата улога, затоа што се подготвуваш за тренинг, треба да размислуваш на тактитка, треба да размислуваш на својата репрезентација, за противникот, да размислуваш за за 20 играчи, па со сите индивидуално да разговарате, да ги чуете нивните барања и нивните проблеми, тоа треба да го изменаџирате. Но, тука влегов со голем ентузијазам и сакам да ја работам оваа работа во иднина, а кога нешто кога сакате секогаш наоѓате плус енергија, -рече Кире кој проговори за младите играчи, пред се за Кузмановски и Талески кои одиграа одлично против Данска.

-Секогаш велам дека ако некој стигнал до репрезентација сигурно има квалитет. За останатото се работи каква улога ќе му дадете на играчот и се работи за системот кој се бара. Полека, но сигурно поставуваме еден систем. На Талески и Кузмановски им дадов конкретни работи и улоги, а по видео-анализата видов дека нив им е јасно се и очекувам како што минува времето, тие да бидат поквалитетни и поквалитетни, -заклучи нашиот селектор и воедно капитен.

Македонија како прва во групата 7 ќе го дочека реваншот во Алборг кој е закажан за в недела од 16 часот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни