Поврзете се со нас

Светски првенства

Коментар: Доктор Џекил и Мистер Червар, многу мускули и малку уметнички впечаток!

Објавено

на

За „Дерби“ од Мец, Александар Табаковски

По напорните тренинзи во Маврово, почетните два натпревари за нашите ракометни репрезентативци би можеле да се сметаат за своевиден „меден месец“, во кои ги имаа на хартија двата најлесни противници од Група Б.

Се разбира, на Светско првенство не смее да се потцени ниту еден противник, особено ако претходно од него сте биле поразен, или пак дури и тоа да е Ангола која има само пет ракометни тима според признанието на нивниот селктор. Мотивацијата на противниците како и нивната добра физичка подготвеност се џокери со кои послабите екипи често знаат да направат изненадување. Македонските ракометари не дозволија таква непријатна сензација, но драматиката беше присутна на почетокот од првото полувреме кога противниците речиси 20 минути држеа резултатска рамноправност. За наша среќа, Ангола не успеа да ги казни нашите грешки, па благодарение на неискуството направи двојно повеќе грешки и ни ја подотвори вратата кон победата.

Поените се слатки и заслужени, играта на моменти блескава со феноменални комбинаторики како двојниот цепелин на Филип Лазаров со Мартин Поповски, фанатична одбрана на моменти (во прво полувреме Ангола даде гол по седум минути и 44 секунди игра), разбивањето на противничката зона со неколку гола од крилните позиции што ни донесе резултатско одлепување на екипен план, а Гоце Георгиевски го промовираше во Играч на натпреварот, итн.

Сепак, не смееме да заборавиме дека во нашето досие се запишани техничка грешка на клупата, примени шест гола од брзи контри, уште неколку нереализирани обиди на противникот за постигнување гол во празна мрежа, дека во 23 минута и 59 секунда поведовме со 10:9 од пенал, дека имавме утки „за извоз“, дека имаме двајца повредени играчи, дека дури во последните 10-15 минути им дадовме шанса на играчите од ротацијата да ги одморат носителите, итн. Што кога би го направиле против некоја солидна репрезентација, која знае да го казни тоа, дали тогаш ние ќе наликуваме на Ангола?

Можеби Червар е најгенијалниот тренер што седел некогаш на клупата на македонската репрезентација, но имаме ли доволно подготвени играчи кои таа стратегија во секој натпревар ќе успеат да ја претворат во победи за кои сме и гладни и жедни? Не би било фер на играчите да падне одговорноста за таквиот експеримент, бидејќи шест гола од брзи контри примени од Ангола се извесен знак на предупредување.

На крајот на денот, повторно играчите се хероите кои направија разлика со својата пожртвуваност, додека „експериментирањето“ со 7-6 во нападот колку и да се смета дека е стандарден дел од играта, сепак има две лица и различен учинок. Доктор Џекил и Мистер Червар се уште делуваат повеќе како експеримент, отколку како дел од победничката стратегија, иако селекторот на Ангола призна дека тешко се справувале со разновидноста во играта. Но, дали Ангола е од рангот на репрезентации со кои сакаме да се мериме? Речиси целото второ полувреме водевме и инсистиравме на 7-6, очигледно со идеја да го уигруваме концептот што би требало да биде нашето оружје во иднина. Не е проблемот во идејата, туку во променливиот учинок и реализација, за да бидеме сигурни дека нема сами на себе да си бидеме „темната страна на месечината“.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни