Поврзете се со нас

Македонија

Коментар: Дали Самсоненко научи нешто од Лига Европа?

Објавено

на

Вардар успеа да направи историја со пласманот во групната фаза на Лига Европа, а вчера да се прости и со освојување бод во дуелот со Розенборг игран во Скопје.

Она што беше во домен на фудбалерите, тие тоа го остварија, играа колку што можат, знаат и вредат и за сето тоа заслужуваат само пофалби.

Целата европска одисеја на Вардар почнувајќи од квалификациите па до крајот, беше прекрасна низа на можности за компарации, анализи и вадење поуки. Младата генерација на фудбалери веќе ја има самодовербата и со правилно водење успеа да го прикаже својот потенцијал, но фудбалот не е само она што се прикажува на теренот. Сергеј Самсоненко тоа добро го знае, тој беше оној што пред дуелот со Флензбург од четвртфиналето на ЛШ излезе на прес конференција со порака до ЕХФ дека ќе се откаже од тимот ако не му се допаѓа судењето во мечот кој беше пресуден за пласман на „Фајнал 4“.

Но, што направи за ФК Вардар во историските моменти за клубот? Му дозволи на Стефан Спировски да замине во Ференцварош (играчот што ФФМ го прогласи за Најдобар фудбалер во 2017 година), а исто така брзопотезно се збогуваше и со Балотели. Човекот кој демонстрираше дека знае да направи европски ракометен шампион на фудбалскиот пазар се однесуваше како покераш кој блефира со мал влог.

Епизодата со збогувањето беше посебна приказна: Самсоненко се откажа од клубот пред пресудниот натпревар со Фенербахче затоа што бил критикуван од навивачите! Демек во договорот за купопродажба имаше услов дека „Комитите“ треба да го слават како куќен светец? Бламот со високите цени на картите во годината кога Вардар слави 70 години од основањето, а „Комитите“ 30 години од постоењето остави печат на комплетна незаинтересираност на управата да ја негува традицијата, небаре јубилејот требаше некој друг да им го слави. Кај ли им се погоди во „нивна смена“?

Имаше простор Вардар да заблеска многу помоќно и овој пласман од Лига Европа да го памети и по нешто многу подобро. Повозрасните (со добра меморија) ќе се присетат дека пред да се формираат „Комитите“, на Западна трибина се влегуваше со пропусница која чинеше 20 југословенски динари за цела година. Членство во клубот, членски карти, регистрирани навивачи, полна Западна трибина… Проект кој можеше да се направи со многу малку напор.

Претставниците на седмата сила во минатото беа „замолени да заминат“ од прес конференциите на Самсоненко „бидејќи немале покана“, а во годината кога Вардар играше во Лига Европа македонските новинари требаше да дознаваат за конференциите од тимскиот сајт на Вардар. Замислете ако секој тим или спортска институција наместо по електронска пошта го прифати „мртвороденчето“ од идеа лиферувана од прес службата на Вардар – секој медиум ќе треба да вработи човек за да чита по тимските сајтови кога ќе има конференција или тренинг.

Нема да се разбереме погрешно: фудбалерите го обелија образот, управата се покажа во лошо издание. Има ли поголем срам за еден фудбалски работник од Скопје кога ќе си оди дома по мечот со Розенборг и ќе прошара по социјалните мрежи за да констатира дека едно чудо луѓе наместо на „Градски“, биле на „Маракана“? Најлесно е да ги обвиниш медиумите, наместо да побараш помош од нив!

Простор за подобрување има, а дали ќе биде искористен е друго прашање. Македонскиот фудбал е во полет и токму Вардар како клуб со традиција и успеси треба да биде репер во професионалниот пристап. Алал вера за тренинг центарот, ама треба да се разликува вложување во инфраструктура од вложување во играчи, публика, односи со јавноста. Лично сум убеден дека човек кој знае како да направи европски шампион во ракомет сигурно ги знае тие лекции, но некако – му недостига вистинска инспирација (или можеби управа), сето тоа да го покаже и во фудбалот.

Александар Табаковски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни