Поврзете се со нас

Шах

Бојана Бејатовиќ: Со еднакви шанси за успех во борбата за титулата!

Објавено

на

Бојана Бејатовиќ е македонска шахистка која лани на ЕП во Грузија играше на втората табла и воедно е актуелна периодов поради учеството во проектот на ФИДЕ насловен како „Шахмат за коронавирусот“. Во интервјуто за „Дерби“ се осврнуваме на актуелната ситуација во македонскиот шах по појавата на Ковид-19, но пред се на нејзината играчка кариера која што се уште е во подем.

ДЕРБИ: Твоето име беше актуелно минатата година бидејќи се појави на повеќе турнири, меѓу кои и на шестата табла за БМ Кисела Вода на екипното првенство, а имаше и меѓународни настапи во Грција, Исланд, па на крај на ЕП во Грузија играше на втора табла за репрезентацијата. Те спречи ли пандемијата да продолжиш со исто темпо?
– Да, очигледно пандемијата нѐ погоди сите. Шаховските професионалци на коишто турнирите им се извор на приход исто така го почувствуваа тоа, меѓутоа можеме да видиме како сѐ поголем број се насочија кон стримингот. Верувам дека желбата постои кај сите за да се вратиме на вистинските турнири. Оваа година беше планирана Шаховската Олимпијада во Русија, а како подготовка за таму ми беа планирани 4 турнири – 1 во Данска, 1 во Исланд, 1-2 во Италија и овдешната лига (согласно календарот на ШФМ), но светските настани влијаеа врз сечии планови. Иако можеме да видиме примери како постепено почнуваат да се организираат турнири во Исланд, Хрватска и Кина, сепак мислам дека кај нас тоа би требало да причека, бидејќи ситуацијата е поприлично алармантна. Колку и да се подготвуваме или да внимаваме, сепак сметам дека доколку би се организирале турнири сега, би биле со половична сила. Кога ќе започне партијата, најкарактеристична положба на шахистите е држењето на главата, за поголем фокус и концентрација на она што се случува на таблата, па мислам дека многу несвесно може човек да го допре “забранетиот дел од лицето “ (очите), кое согласно препораките на СЗО треба да се избегнува, а маската значително би го отежнала дишењето и би влијаела на концентрацијата… Многу фактори се во прашање а пронаоѓањето на прецизните одговори – не е лесно.

ДЕРБИ: Верувам дека меѓу турнирите кои требаше да ги одиграш пред Олимпијадата беше и најавеното поединечно државно првенство за жени? Лани те немаше таму, беа само пет младинки …
– Така е, секој турнир е значаен. Лани беше избрзано, прво најавија дека во тој период (17-26 август) ќе биде женската лига, но потоа, во последните денови од машката лига (25 јули), на која настапував, ме известија дека на крајот од август (20-30 август) ќе биде организирано женското индивидуално првенство. Сметам дека такви промени не смеат да се прават во толку кратко време. За поздрав и почит е нивната желба и напори да се врати во живот женското индивидуално и женската лига, меѓутоа тоа мора да се прави рационално и навремено (минимум на почеток на година). Верувам дека сите репрезентативки во тоа време имаа свои обврски и планови, а јас во тоа време (крајот на август), заедно со Драгана Николовска патувавме за Италија, на шаховски семинари. Се надевав дека оваа година ќе биде се во ред, но еве – засега тој турнир е одложен и не се знае дали ќе има услови да биде презакажан до крајот на годината.

ДЕРБИ: Со оглед на големата активност минатата година, дали е тоа најава за постигнување уште повисок подем во играчката кариера? Дали веќе чувствуваш дека се подобри според лично наоѓање, идали мислиш дека годинава ако добиеш шанса би можела да се бориш за титула доколку се одржи државното првенство?
– Минатата година имав прилично тешки турнири и поради тоа загубив неколку рејтинг поени. Настапив на Европското индивидуално првенство за мажи во март месец, коешто се одржуваше кај нас, потоа на Опен Рејкјавик (Април), на којшто имав добар настап и остварив контакти за настапување во тамошен клуб, играв на машката лига во Охрид во јули, а потоа и на Опен Кавала во август, каде што немав успех, меѓутоа сепак, секое искуство е поучно. Можеби би било добро доколку се направат напори за следната година, да се направи квалитетно женско индивидуално првенство, на коешто би настапиле и поранешните репрезентативки или пак, доколку се направат напори за квалитетни тренинг кампови (неколку, во текот на целата година) како добра подготовка за ШО во Москва. Сметам дека тренинг камповите се многу побитни и многу понеопходни за нашата репрезентација, а со оглед на краткото време коешто го имаме на располагање (плус и поради личните обврски), времето треба да се користи најефективно и најефикасно. Околу борбата за женската титула на индивидуалното женско првенство, сметам дека секоја од репрезентативките има еднакви шанси за успех, согласно формата за игра.

ДЕРБИ: Од клубот БМ Кисела Вода најавија дека оваа година нема да играат на екипното првенство, дали има најави дали ќе остане женската екипа за женскиот екипен шампионат? Дали преку БМ Кисела Вода соработуваше со ВМ Роландо Кутиров и дали овој твој залет минатата година е резултат на таквата соработка? Дали тој станува твој тренер?
– За оваа година БМ Кисела Вода останува со женската екипа, а мојата соработка со нив започна летото 2019, пред почетокот на машката лига. Преку клубот настапив на лигата и ми беше обезбеден турнирот во Кавала. На овој турнир во Грција имав помош од ВМ Кутиров во подготовките пред партиите, меѓутоа не, тој не е мој тренер. Преку клубот исто така имавме соработка и подготовки со ВМ Чоловиќ, којшто беше селектор на женската репрезентација во Крит (Европско тимско 2017), на коешто постигнавме историски успех како и на Олимпијадата во Батуми 2018, на којашто исто така имавме големи можности во последното коло.

ДЕРБИ: За време на пандемијата имаше конкурс од ФИДЕ во рамки на проектот „Шахмат за коронавирусот“, а ти се најде меѓу наградените. Можеш ли да ни откриеш повеќе детали?
– Проектот на ФИДЕ “Шахмат за коронавирусот“(https://checkmatecoronavirus.com/ ) е навистина значаен проект поради тоа што успеа да привлече голем број на шаховски љубители, ентузијасти и професионалци. Проектот започна на 18 Мај и траеше до 16 Јуни. Беа одржани над 2500 турнири, а бројките беа навистина за восхит – пола милион учесници! Со самото тоа, се покажа дека шахот ужива своја уникатност, поради тоа што продолжи онлајн, за разлика од другите спортови. Наградите беа исто така значајни, а извлекувањето на победниците не беше фокусирано само на оние коишто успеале да се пласираат во високите места на турнирите, туку беше дадена можност секој којшто учествувал да биде избран! Главните награди беа 64 покани за еднонеделна посета на Олимпијадата, со целосно покриени трошоци, потоа мини-мечови со велемајстори, сувенири… Јас не учествував многу на онлајн турнирите, меѓутоа успеав да освојам награда преку натпреварот во цртање, на којшто испратив 2 цртежа. Цртањето отсекогаш било присутно во мојата фамилија и секогаш кога имаме слободно време одвојуваме одреден дел од денот за тоа. Наградата е “шахмат коронавирус“ сувенир, меѓутоа сметам дека треба да се поттикнат младите и поради тоа, ја доделив наградата на 7-годишно девојче кое исто така имаше испратено свои цртежи – Анеека, од Индија, со пропратно писмо. Го известив тимот на ФИДЕ Шахмат коронавирус, а ним многу им се допадна самиот чин како и писмото и направија посебна објава за тоа.

https://www.facebook.com/checkmatecoronavirus/photos/a.130814935311634/130816625311465/?type=3&theater&ifg=1
https://www.facebook.com/checkmatecoronavirus/photos/a.130814935311634/130815741978220/?type=3&theater&ifg=1

Цртежите на Анеека –

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни