Поврзете се со нас

Европски купови

Бабиќ: Ги знаеме добрите страни на Ним, не очекува поинаков меч од оној во Битола

Објавено

на

Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелиситер им се враќа на обврските во Европа и тоа против Ним со кого ќе се соочат во Франција.

Тоа е тим кој е на осмото место во францускиот шампионат, но и состав кој лесно ја освои Битола (26-21) во првата сезонска битка во Европската лига. Меѓутоа од таа средба се поминати неколку месеци, „фармацевтите“ ја кренаа формата и затоа веруваат и сметаат дека ќе има што да кажат против лидерот во групата Д.

-Сигурно дека добродојдени беа натпревари кои ги игравме месецов. Еден од проблемите е што не бевме комплетни и не можевме да вежбаме што подготвивме. Сепак, во секој случај добро е што игравме и тоа ќе ни помогне против Ним. Тие се физички јака екипа, играат многу „еден на еден“ и многу трчаат. Впрочем, играат француско првенство, кое има свои карактеристики.

-Ние можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Имаа изразито расположен голман, кој ни даде и три гола, и собра десет одбрани во првиот дел. Со една таква моќна екипа ние немавме шанси. Мислам дека ќе биде овојпат поинаку. Ние сме ментално многу цврсти, спремни и имаме наши шанси. Сепак, мора да бидеме спремни да играме шеесет минути, да бидеме тактички дисциплинирани, фокусирани на задачите, да бидеме цврсти во дуелите и да не заборавиме кои се нивните карактеристики.

-Сакаме и верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат. Ним е многу цврста екипа, игра „еден на еден“ и во одбрана и во напад. Имаат одлична транзиција, контра од страна на десното крило и одличен голман, кој форсира контранапади. Лесно нè победија во Битола, но потоа се мачеа во групата. Но, тоа се случува кога противниците престанаа да играат кога тие поведоа со 4-5 разлика. Моите играчи знаат дека многу важно е да продолжат да играат ако се случи резултатски пад. Резултатски пад е дозволен, но ментален и тактички пад не смее да ни се случи. Оние кои тоа го задржаа, тој ритам на играње, тие на крајот го стигнаа Ним и играа тесни натпревари до крајот, -порача тренерот Жељко Бабиќ.

Натпреварот е закажан за утре од 18:45 часот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни